Вардар емотивно се прости од Глишиќ: Благодариме за секој момент во светиот дрес

Вчерашниот бараж за опстанок во Првата лига беше последен настап за Дарко Глишиќ во дресот на Вардар бидејќи тој од идната сезона нема да биде член на „црвено-црните“.

Искусниот лев бек игра во Вардар од 2021 година, а ова е негов трет „мандат“ во најтрофејниот македонски клуб од чија школа потекнува и каде играше во 2010 и потоа од 2014 до 2018 година. Вардар на емотивен начин се прости од својот досегашен фудбалер, посакувајќи му се најубаво во иднина.

„Поим за љубов, лојалност и посветеност кон Вардар! Ти Благодариме Дарко за секој момент поминат во светиот црвено-црн дрес. Твоето име ќе биде врежано кај секој Вардарец. Засекогаш дел од црвено црното семејство“, порачаа од Вардар.

Глишиќ не ги криеше солзите по завршувањето на вчерашниот меч во кој Вардар обезбеди опстанок и заврши уште една турбулентна сезона во својата понова историја.