
Самарџиев останува тренер на Работнички, уплатени се 25 илјади евра за настап во АБА 2
Тој ја доби довербата на Управниот одбор на состанокот одржан денеска и ќе продолжи со својата работа која ја почна во октомври минатата година. Тогаш го наследи Димитар Мираковски, успеа да оствари 15 победи по ред, но не и да ја прекине сушата во Градски парк и да донесе трофеј. Во полуфиналето од Купот на Македонија, Работнички загуби од МЗТ Скопје, а во полуфиналето од плејофот, од Пелистер.
По завршувањето на сезоната, раководството на Работнички сакаше да ја прекине соработката со Самарџиев, беше контактиран и Дарко Радуловиќ, но на крајот, клубот одлучи да го задржи кавадерчкиот стручњак, меѓу другото и поради тоа што тој има договор и за следната сезона.
Покрај прашањето околу тренерската позиција, Работнички денеска донесе конечна одлука за настап во АБА 2 лигата како резултат на што веќе се уплатени 25 илјади евра за вајлд-карта во регионалното натпреварување.