Полиција мораше да ги чува Димитриевски и компанија од лутите навивачи на Валенсија (ВИДЕО)
На аеродромот во Манисес беше распоредено засилено полициско обезбедување за да се спречи директен контакт меѓу незадоволните навивачи и експедицијата на Валенсија. Дел од навивачите потоа се преселиле пред тренинг-центарот во Патерна, каде што повторно ги пречекале играчите и стручниот штаб.
Полицијата формирала кордон околу автобусот и возилата на фудбалерите, овозможувајќи им безбедно да влезат и да го напуштат комплексот. Според шпанските медиуми, ситуацијата била напната, но не дошло до посериозни инциденти. Дел од оваа непријатна атмосфера беше и македонскиот голман Столе Димитриевски, кој го бранеше голот на Валенсија на гостувањето во Севиља. Иако е тој можеби најдобар играч од почетокот на сезоната, секако го почувствува бесот на навивачиѕр. Клубот по пет одиграни кола има само еден освоен бод и се наоѓа на последното место на табелата.
Незадоволството на навивачите не е насочено само кон резултатите, туку и кон управувањето со клубот и начинот на кој се води тимот. По претходниот тежок пораз од Барселона со 0-5, навивачите веќе организираа протести, а тензиите очигледно не стивнуваат.