Убедлив пораз на Вардар на втората контролка: Динамо Киев пресилен за црвено-црните!

Актуелниот прволигашки лидер Вардар доживеа убедлив пораз во втората контролка на овие зимски подготовки, откако попладнево во Анталија загуби со 0-4 од украинскиот гигант Динамо Киев, кој уште по само осум минути практично ја обезбеди победата на мечот.

Вардар после поразот со пресврт од сплитски Хајдук со 1-3 на стартот на овие подготовки, денеска доби лекција од Динамо Киев, особено во првите половина час од мечот, во кој црвено-црните тргнаа практично со првиот тим да им се противстават на Украинците, но Бујалски во петтата и Сидорчук во осмата минута двапати погодија, а потоа Дуелунд по пола час игра зголеми на убедливи 3-0, за Русин од пенал во 86-та да го постави конечниот резултат.

Тренерот Александар Васоски го почна мечот со Гачевски, Тошевски, Најдовски и Новак како стопери, Брдаровски и Жуниор по страничните позиции, Мицевски, Адем, Аврамовски и Цветановски во средината и Ибиши во нападот. Овој тим играше буквално еден час до менувањето на комплетната постава на тимот, освен Али Адем кој во 43-та беше заменет со Марио Младеновски и Гачевски на полувремето со Илиќ.

Следен меч на Вардар е в недела против Бачка Топола, а до крајот на подготовките остануваат уште три со белградска Црвена Звезда, Борац Бања Лука и словенечка Мура.

Покрај Вардар денеска од македонските прволигаши играа два контролни мечеви и тоа со второлигашки екипи, па Борец и Брегалница ремизираа 1-1, додека Лабуништа ја победи Ренова во овие зимски тест мечеви.