Суспендиран теренот на Башкими, кумановци ги чека казна за инцидентот со Саса

Теренот на повратникот во второлигашкото друштво Башкими е суспендиран, а клубот предаден на дисциплинска комисија поради инцидентот кој во саботата се случи на мечот со Каменица Саса (2-2), кога гледач нокаутира фудбалер на каменичани, но судијата не го прекина мечот.

Натпреварувачката комисија на ФФМ после инцидентот денеска донела одлука за суспензија на стадионот во Куманово, каде домаќин е Башкими до донесување на конечна одлука на дисциплинската комисија, која сега ќе решава за комплетниот случај.

Башкими се соочува со тешка казна, во најголем дел или да игра 100 километри надвор од Куманово во следните неколку мечеви или во поблага форма да одигра одреден број на мечеви пред празни трибини.

„Комисијата за натпревари на ФФМ на денешната седница донесе одлука со која теренот на ФК Башкими 1947 Куманово се суспендира за одигрување на првенствени и куп натпревари кога како домаќин е екипата на Башкими 1947 Куманово, се до донесување на конечна одлука на Дисциплинската комисија на ФФМ“, објави ФФМ.

Каменица Саса во неделата жестоко реагираше преку соопштение за одлуката мечот да се догра после тешкиот инцидент.