Силекс лани потрошил 600.000 евра, а Вардар им „обезбеди“ мирна живеачка до 2022 година!

Поранешниот македонски шампион Силекс потрошил пет пати помалку од Шкендија во минатата година, но и покрај големата разлика во финансиите, кратовци ја завршија прекинатата сезона пред тетовските црвено-црни, дотогаш актуелни прваци, па на кратовци им падна бингото да се наполнат со пари со настапот во квалификациите во Лигата на шампионите поради финансиската хаваријата во Вардар.

Резултатски Силекс не обезбеди ЛШ, зашто беше десет бода зад најтрофејниот македонски клуб, но како второпласирани обезбедија летни квалификации бидејќи Вардар втора година по ред не доби лиценца, а сето тоа во Кратово ќе донесе безмалку еден милион евра приходи, што би значело – пари за живеачка до 2022 година. Без притоа спонзорот воопшто да брцне во џеб!

Силекс во изминатата 2019 година имала буџет од нешто повеќе од 600 илјади евра, покажува финансискиот извештај, што е петпати помалку од тоа што Шкендија го потрошила во ланската година од три милиони евра. Бидејќи Силекс премногу не се расфрла со пари, самиот факт што од УЕФА има сигурни над 800.000 евра и шанса со едно поминато коло да се надмине и еден милион (а ќе им следуваат и приходи од ТВ-права плус), кратовци најмалку си обезбедија пари за живеачка до почетокот на 2022 година, без притоа во клубот да се слеат пари од донации и спонзорства. Плус, Силекс има ваучер кој дополнително ќе внесе пари во клубот, како за оваа година (ако не го искористиле), како и за следната година, што е дополнителен влез на пари во клупската каса, кој можеби ќе биде и поголем како европретставник во најсилното натпреварување во Европа.

Кратовскиот клуб во изминатата година остварил вкупни приходи од 38,7 милиони денари, од кои најголем дел, дури 25 милиони денари (над 400.000 евра) се приходи од донации, а остатокот се од реклами (8,1 милион денари), приходи од УЕФА преку ФФМ од солидарен фонт (три милиони денари), како и од тренинг-компензации (20.000 евра – 1,2 милиони денари).

На расходната страна, скоро пола милион евра или три четвртини од буџетот бил искористен за плати, хонорари, награди за фудбалерите и вработените, па потрошени се 37 милиони денари, од кои 30-на отпаѓаат на ставката за трошоците за плати и награди и тоа – 10 милиони денари на бруто плати, уште 13,5 милиони на награди за фудбалерите, 5,2 милиони за исхрана и регрес, а 4,8 милиони денари за хонорари, здравствено осигурување итн.

Со настапот во Европа и фактот дека Силекс не донесе фудбалери кои се прескапи или имаат преголеми плати, заработката од УЕФА на кратовскиот клуб му носи стабилност и можност со надградба практично бившиот клуб да се самофинансира, со постојани излези на европска сцена, што автоматски носат гарантирани приходи, а се останато би било плус за тимот.

Кратовци од ланската година имат нето профит од 1.000.000 денари (15-на илјади евра), а уште отсега е јасно дека тој профит за оваа 2020 година ќе биде енормно голем.

Силекс како аутсајдер влегува во квалификациите за ЛШ, каде еден куп гиганти и великани им се можни ривали, но дури и да испаднат, втора шанса ќе имаат преку „шампионската група“ во Лига Европа, каде ќе очекуваат противник од елиминираните екипи од воведното регуларно квалификациско коло во ЛШ.