Силекс ќе го брани пехарот во Купот – Каланоски ги однесе кратовци во петтото финале!

Актуелниот бранител на трофејот во Купот на Македонија, трикратниот освојувач Силекс ќе игра во петтото свое финале во најмасовното натпреварување во Македонија и ќе го брани пехарот освоен ланскиот мај, после денешната победа со 1-0 на стадионот „Петар Милошевски“ против Пелистер во полуфиналната пресметка.

Кратовци кои се на пат после една година да се вратат во македонската елита, дојдоа до самото финале и шанса да станат првиот тим после седум години кој успеал да го одбрани пехарот, откако последен на кого му успеа вакво нешто беше скопски Работнички во 2014 и 2015 година.

Антонио Каланоски со убав гол во 36-та минута ја искористи лошата поставеност на дефанзивата на битолчаните за да прими една топка на 11 метри и потоа неодбранливо да бие во мрежата, па со тоа на Пелистер му ја урна стратегијата да го држи почетниот резултат, па дури и да го дотурка мечот до пенали.

Битолчани во вториот дел се обидоа да притиснат, а кратовци имаа две контри кои не ги реализираа за порано да го заверат патникот во финалето. Силекс има трофеи во Купот во 1994, 1997 и 2021 година, а едно финале загуби во 1995 година.