Шпанија ја уништи Јапонија, лесни триумфи за Франција и Словенија

Вечерва од 18 часот беа одиграни уште четири меча на Светското првенство (СП) во ракомет, при што до лесни победи стигнаа селекциите на Шпанија, Франција и Словенија.

Шпанија немаше милост за Јапонија, па уште во првото полувреме ја најави победата (20-11), додека во вториот дел целосно го декласира ривалот (39-20). Абел Сердио го заврши дуелот со седум голови, додека Петар Цикуша стрелаше шест пати.

Французите, исто така, ја оправдаа фаворитската улога, односно ја надиграа Австрија со 35-27 за трета победа во групната фаза. Мем и Брио постигнаа по шест голови во победничкиот состав, додека Фримел запиша пет погодоци за Австрија.

Словенија без многу проблеми успеа да ја „нокаутира“ Зелено’ртската Република со 36-24, додека Тунис по голема драма го совлада Алжир со 26-25.