МЗТ му даде една четвртина „фора“ на Работнички, па - убедливо го победи!

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до 13-тата победа во последните 14 вечни дербија, откако вечерва со далеку подобра игра во второто полувреме го совладаа тимот на Работнички (75-63) во средба од 14. коло од Првата лига.

Аеродромци средбата ја „скршија“ на стартот од третата четвртина, кога со серија 15-3 од минус пет (44-49) дојдоа до предност со 59-52. Потоа искуството и квалитетот на домаќинот дојде до израз, па „металците“ умешно ја задржаа предноста, која во последниот дел ја зголемија и на двоцифрена разлика (70-59). Работнички настапи без плејмејкерот Џексон Дубински, во третиот период остана без Виктор Ефремовски, кој поради две технички грешки беше исклучен од судиите. Но и покрај тоа, центарци пружија силен отпор, што најдобро се гледа со добивањето на воведниот дел со 26-17 и убедливата предност на стартот од вторите десет минути кога имаа дури и плус 12 (31-19), но снемаа сили за некое поголемо изненадување.

Најзаслужен за победата на МЗТ беше Војдан Стојановски, кој средбата ја заврши со 20 поени и четири асистенции, додека двоцифрен поентерски ефект кај сино-белите имаа уште и Бојан Крстевски со 14 поени, Дион Едвин со 12 поени и шест скока и Андреј Маслинко со 11 поени и девет скока. Стојан Ѓуроски со 18 поени, четири скока и осум асистенции беше убедливо најдобар кај Работнички.

Шампионот со овој триумф дојде до скор 11-3 и задржување на првото место без разлика на останатите резултати во рундата. Црвено-белите, пак, од Градски парк сега се на 8-6 и по ова коло би можеле да паднат дури и на седмата позиција на табелата.