Костески: Гвинеја игра специфичен ракомет и не смееме да ја потцениме!

Македонија досега одигра два меча на Светското првенство (СП) во ракомет и освои еден бод, па затоа против Гвинеја ќе оди на триумф со цел да се пласира во вториот круг на натпреварувањето.

Македонскиот репрезентативец Ненад Костески смета дека не треба да ја потценат Гвинеја, која важи за аутсајдер во групата, па ќе влезат во средбата максимално фокусирани.

„Мора да го заборавиме натпреварот против Холандија и да се издигнеме, бидејќи утре нè чека последниот дуел од групната фаза, кој за нас значи пласман во главната рунда, нашата главна цел на ова Светско првенство. Иако станува збор за дебитант на овој шампионат и зад себе има два порази мора да бидеме претпазливи, не смее да се потцени ниту еден противник. Мечот против Гвинеја ќе биде различен од останатите, имаат специфичен стил на игра, спротивен од европските земји. Краткото време ќе го искористиме за анализа на противникот. Мора да бидеме максимално сконцентрирани од првата до последната минута. Сите сме мотивирани, подготвени за нова борба. Имаме поддршка од публиката и тоа е најважно“, вели Костески.

Натпреварот меѓу Македонија и Гвинеја е закажан за недела од 18 часот.