Шкендија го врати Бруно Акраповиќ на клупата пред стартот на новата сезона!

Босанецот Бруно Акраповиќ е нов тренер на Шкендија, откако тетовци го вратија овој кормилар на клупата на својот тим по пет години, откако тој си замина после сезоната 2015/16, па имаше исклучително успешна кариера во соседна Бугарија, прво како тренер на Локомотив Пловдив, па ЦСКА Софија.

Шкендија го смени Ернест Ѓока во минатата недела после фијаското на црвено-црните и срамниот европски настап во кој не дадоа гол за 360 минути во четирите меча, во ЛШ и Конференциската лига, па сега Акраповиќ доаѓа непосредно пред стартот на новата прволигашка сезона, која почнува претстојниов викенд, а тетовци гостуваат кај новиот прволигаш Тиквеш.

Босанецот, кој е роден во Зеница и кариерата ја почна во матичниот Челик, најголемиот дел од фудбалската кариера ја мина во Германија, како фудбалер на Волфсбург, Мајнц, Енерги Корбус, а пред една деценија ја започна тренерската кариера, во која од Гибралтар дојде во Шкендија, но тогаш не остави кој знае каков впечаток, најмногу и поради фактот што Вардар доминираше во тој период.

Сега во Тетово се надеваат дека со него Шкендија ќе доживее ренесанса и дека повторно ќе стигне до шампионската круна, иако сезонава ќе има исклучително тешка битка за трофејот со многу амбициозниот Шкупи.