Инфантино и Трамп капитулираа - повлечен планот за продажба на Мундијалите!
Планот предвидуваше продажба на 20 проценти од комерцијалните права на сите натпреварувања на ФИФА, вклучувајќи го и Светското првенство, за сума од 4,2 милијарди долари. Според предлогот, сите 211 национални федерации требаше до 2038 година да добијат по 86 милиони долари, додека преостанатиот дел ќе завршеше кај инвеститорите и останатите вклучени страни. Предлогот предизвика силни реакции во светскиот фудбал, особено поради наводите дека приватен капитал би добил значително влијание врз највредните натпреварувања на ФИФА. Според странските медиуми, инвеститорот бил компанија поврзана со бизнисмен близок до американскиот претседател Доналд Трамп, што дополнително ја засили контроверзноста околу целиот процес.
По силниот притисок, Инфантино беше принуден да ја повлече иницијативата.
„Проектот беше замислен како основа за дополнително зајакнување на нашите членки и развој на фудбалот ширум светот, особено во земјите на кои им е најпотребна поддршка. Од самиот почеток истакнувавме дека ќе биде реализиран само доколку добие поддршка од мнозинството членки на ФИФА и по задолжителни консултации со Советот на ФИФА, конфедерациите и сите релевантни чинители. Откако внимателно ги сослушавме сите мислења, стана јасно дека проектот создаде поделби кои повеќе не се во согласност со целта поради која беше покренат. Нашата намера отсекогаш била – и ќе остане – да го обединуваме и унапредуваме фудбалот. Затоа се откажуваме од овој предлог“, се наведува во соопштението на Инфантино.
Тој најави дека во наредниот период повторно ќе ги собере сите засегнати страни за да се разговара за нови начини за развој на светскиот фудбал.
„Во следните денови и недели ќе ги соберам сите заинтересирани страни во духот на заедничкиот интерес за нашата игра, со цел да продолжиме да го развиваме фудбалот ширум светот, особено во земјите на кои им е најпотребна нашата поддршка“, порача Инфантино.
Повлекувањето на предлогот се смета за еден од најголемите политички порази на Инфантино откако е на чело на ФИФА, а дел од светските медиуми веќе шпекулираат дека оваа ситуација би можела сериозно да ги намали неговите шанси за нов претседателски мандат на изборите што треба да се одржат следната година.