НБА кошаркар не разговарал со соиграчите кои заработувале помалку од 5 милиони!

Поранешната НБА-ѕвезда, Гилберт Аренас, повторно ја шокираше кошаркарската јавност со признание за своето однесување во деновите кога беше лидер на Вашингтон Визардс.

Трикратниот олстар откри дека во соблекувалната вовел необично правило – никој од соиграчите што заработувал помалку од пет милиони долари годишно не смеел директно да му се обраќа.

„Бев рок-ѕвезда, никој не можеше ништо да ми каже. Имав едно правило во тимот. Ако заработуваш помалку од пет милиони долари, немој да ми се обраќаш директно. Кажи му на некој што зема повеќе од пет милиони, па тој нека ми ја пренесе пораката“, изјави Аренас, нагласувајќи дека бил целосно сериозен.

Со ваквото признание многумина повторно потсетија на неговиот бурен карактер, кој кулминираше во 2009 година со еден од најпознатите скандали во историјата на НБА. Тогаш, по расправија околу партија покер, Аренас и неговиот соиграч Џаварис Критентон донесоа огнено оружје во соблекувалната на Вашингтон, инцидент што резултираше со долги суспензии и сериозно ја наруши нивната кариера.

Аренас беше избран од Голден Стејт во 2001 година, но вистинската афирмација ја доживеа во Вашингтон, каде трипати беше избран на олстар-натпреварот и важеше за еден од најдобрите стрелци во НБА. Подоцна играше за Орландо и Мемфис, а кариерата ја заврши во Кина.