Ако Самсоненко го одврзе „ќесето“, еве ги засилувањата на Вардар

Вардар имаше лоша сезона во домашното првенство и Куп, затоа и е најавена комплетна реконструкција на тимот. Според информациите, Вардар веќе има договорено пет странски засилувања и неколку македонски фудбалери кои треба да се долгорочната база на црвено-црните за во иднина. Но... 

Сѐ виси во воздух, зашто никој не знае ао колкав буџет ќе располага клубот за наредната сезона. Сите чекаат на абер од газдата Сергеј Самсоненко, а тој сѐ уште се нема изјаснето.

Но, скаутите на Вардар, работат на терен и веќе се во завршни преговори со десетмина нови играчи. Но, и тие како целата управа на скопските црвено-црни чекаат амин од рускиот спонзор. 

Откако вчера објавивме дека бившиот младински романски репрезентативец Клаудиу Василе Бумба (24) треба да биде е едно од најголемите засилувања на црвено-црните, „Спорт 1“ ви ги презентира речиси сите играчи кои во овој летен преоден рок треба да му пристапат на Вардар.

Покрај Романецот Бумба, кој е играч од средниот ред и може да игра како офанзивен играч за врска, во Вардар треба да дојдат и Ганецот Емануел Менсах, фудбалер кој може да игра и во средина и во напад и станува збор за исклучително брз фудбалер, кој моментно е дел од грчкиот суперлигаш Керкира. Висок е 182 сантиметри има 23 години и во кариерата во Европа има играно за Хонвед (Унгарија), Молдава (Словачка), Михеловице, Фридек Мистек (во Чешка).

Сериозно засилување треба да биде и Камерунецот Роберт Ндип Тамбе, кој е напаѓач и има 24 години, а последен клуб му е Адана Демирспор од Турција, која играше во Втората турска лига. Неговата цена на трансфер пазарот е 300.000 евра, но станува збор за напаѓач, кој има добри реализаторски способности и треба да ја зголеми конкуренцијата во нападот каде што сега се Максим Максимов, младиот Бојан Колевски и Ерменецот Тигран Барсегјан. Инаку Тамбе, кој е сонародник на Кларенс Битанг во кариерата играл и за Спартак Трнава во Чешка, ЛЗС Пиотровка во Полска.

Во Македонија треба да се врати и Бразилецот Виктор Јуфо, поранешниот фудбалер за врска на Шкендија, кој моментно игра во албански Фљамуртари, каде и што замина од тетовскиот клуб. Претходно Јуфо во кариерата играше за бразилските Рио Бранко и Баиа и моментно на трансфер пазарот вреди 150.000 евра. Јуфо е засилување за средниот ред, затоа што Вардар во најважниот дел остана само со Битанг и дел од младинците, па мора да се пополни дупката која се создаде со заминувањето на Стефан Спировски, Бобан Николов, Никола Глигоров, Вања Марковиќ...

Петтото странско засилување е 28-годишниот Милош Петровиќ, стопер кој доаѓа од Раднички Ниш, клуб кој се избори сезонава за настап во квалификациите за Лига Европа и по долго време овој клуб ќе излезе на меѓународна сцена. Петровиќ целата своја кариера ја мина во Раднички, а важи за еден од најдобрите играчи во тимот кој се избори за европски настап. Станува збор за 180 сантиметри висок централен дефанзивец кој треба да ја засили одбраната на вардарци. На трансфер пазаров во моментов вреди 400 илјади евра.

Покрај овие странски засилувања во Вардар треба да дојдат и двајца млади „интернационалци“ - Алек Талески, кој има 18 години и доаѓа од Австралија, како и Андреј Тодоровски, 19-годишното момче кое доаѓа од Австрија. Речиси извесно е дека во Вардар ќе дојде и Михаил Маневски, стандардниот младински репрезентативец на Македонија до 19 години, кој важи за исклучително талентирано момче кое може да ја покрие левата бековска позиција.

Во Вардар во моментов размислуваат и за ангажман на младинскиот репрезентативец Влатко Стојановски, како и за Коста Манев, стопер со искуство од Финска, кој е непознат за македонската јавност, а кулоарите шпекулираат и за ангажман на младиот Јани Атанасов, еден од натјталентирнаните наши млади фудбалери, исто така член на селекцијата до 19 години.

Тоа што е интересно е дека сите потенцијални засилувања на Вардар, со исклучок на Србинот Петровиќ, се фудбалери до 24 години и се очекува тие да бидат главната база на екипата во наредните неколку годинк.

Сега сѐ останува на Самсоненко, кој најави дека „во фудбалскиот клуб нема кратење на буџетот“. Ако се држи до таа изјава, тој сериозно ќе треба да го одврзе ќесето и црвено-црните ќе треба до стартот на подготовките да се екипираат и да ги почнат подготовките со прва јасна цел - подолго европско лето во кое во првите две рунди влегуваат како фаворити и од групата на носители.