Бивш младински репрезентативец на Романија треба да го засили Вардар (ВИДЕО)
Бумба е фудбалер за врска, кој може да игра и како крилен напаѓач, но и како офанзивен играч за врска и тој би требало да биде една од замените на Бразилецот Хуан Фелипе, кој среде сезона замина во казахстански Каират. Според информациите, Вардар е силно заинтересиран за овој фудбалер, а желба да го облече црвено-црниот дрес има и кај романскиот фудбалер за врска, па сега се очекува во брзо време да има конечен договор и тој да биде еден од најголемите засилувања на вардарци за новата сезона
Последен клуб на Бумба е Конкордија Чиајна, а во кариерата играл за Динамо Букурешт (13 меча – 2 гола), Хапоел Тел Авив од 15 до 2017 година (31 меч – 3 гола), Таргу Муреш од 2011 до 2015 (81 меч – 15 гола), како и за Баја Маре од 2009 до 2011 година (27 меча – 7 гола).
Романецот, кој е роден во Баја Маре на 5 јануари 1994 година, висок е 175 сантиметри и една година играше на заем во младинскиот состав на Рома, а според податоците на интернет, римјаните платиле над половина милион евра за едногодишниот заем и го освоил младинскиот суперкуп со овој тим во сезоната 2012/13. Најголем трансфер, според Трансфермаркт, направил со заминувањето во Израел во Хапоел Тел Авив од 1,5 милиони евра, а моментно на трансфер-пазарот има вредност од 800.000 евра.
Бумба ги минал сите репрезентативни категории на Романија, па за селекцијата до 17 години одиграл 11 меча (три гола), за таа до 19 години шест, а за младинската до 21 година дури 16 (два гола). За најсилната селекција запишал еден меч и тоа во пријателска во 2012 година против Туркменистан.
Вардар по сезоната без трофеј, во која напиша историја со пласманот во Лига Европа реши да направи тотална реконстуркција на тимот и најголемиот дел од играчите што играа во групната фаза веќе ги напуштија црвено-црните. Се најавува дека десетмина нови фудбалери треба да дојдат во Вардар, а кулоарите меѓу другите шпекулираат и со имиња на младинските репрезентативци Јани Атанасов од Академија Пандев, Влатко Стојановски од Ренова, Михаил Маневски...
Инаку, Вардар потпиша професионални договори со двајца свои талентирани фудбалери, Али Адем и Фитор Реџепи и тоа на по четири години, а Никола Серафимов ќе ја продолжи соработката со црвено-црните.