Преспа објави: Ние влегуваме наместо Беса во Втората лига!

Фудбалскиот клуб Преспа од Ресен се пофали дека тие ќе учествуваат во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) наредната сезона на местото од Беса која претходно го откажа настапот во натпреварувањето

ФФМ денеска со 15 екипи го влечеше распоредот за новата сезона од Втората лига, а за подоцна во денот ја остави одлуката за евентуалниот наследник на Беса.

ФК Преспа сега информира дека добиле покана од ФФМ за настап во второлигашката конкуренција.

„ФК Преспа Ресен во наредната сезона 2025/26 ќе се натпреварува во ВМФЛ. Го прифативме повикот за настап кој реално ни следуваше по откажувањето на ФК Беса. Клубот ги исполнува сите услови за настап во истата. Стадион, младинска школа, тренери, се што е потребно за настап. Клубот ги започна подготовките за новата сезона и работи на комплетирање на ростерот за предизвикот наречен ВМФЛ“, стои во соопштението на Преспа.

Се чека и официјална потврда од ФФМ за влезот на Преспа во Втората лига.

Преспа беше единствениот тим кој испадна во баражите за Втора лига од шесте екипи кои учествуваа.

Распоредот за новата сезона во Втора лига може да ја видите на овој ЛИНК.