Роналдо и на 40 години е максимално мотивиран: Гладта за победи не исчезнува

Ал Наср се наоѓа на подготовки во Австрија и веќе игра пријателски натпревари, а вчера се сретна и го победи францускиот прволигаш Тулуз.

Тимот од Саудиска Арабија славеше со 2-1, еден од двата гола постигна Кристијано Роналдо, а иако се работеше за подготвителен меч, Португалецот беше исклучително среќен и задоволен. Во текот на претстојната сезона тој ќе наполни 41 година, но уште игра максимално одговорно.

„Гладта за победи никогаш не исчезнува, имаме уште многу работа и ние тукушто почнуваме“, напиша Роналдо на социјалните мрежи.

Сезоната во саудискиот фудбал почнува на 19 август кога Ал Наср се среќава со Ал Итихад во Суперкупот на оваа земја. Тоа ќе биде нова можност за Роналдо да стигне до првиот трофеј откако е во Ал Наср.