Неверојатно: Една од најсиромашните држави во светот стана спонзор на Барселона!

Фудбалскиот клуб Барселона објави дека Демократска Република Конго ќе биде нов спонзор на клубот, во рамки на четиригодишна соработка вредна 44 милиони евра.

Африканската земја, која е една од најсиромашните во светот во која 70-отсто од населението живее со помалку од две евра, ќе го рекламира своето име на дресовите за тренинг на сите професионални тимови во клубот. Според соопштението од Барселона, партнерството има за цел да го промовира спортот, културната размена и мирот. На задната страна на тренинг-опремата ќе стои пораката „Д.Р. Конго – Срцето на Африка“. Клубот најави дека како дел од договорот ќе поддржи развој на спортски кампови и едукативни програми за младите во Конго, вклучувајќи фудбал, кошарка, ракомет, футсал и хокеј на ролери. Барса, исто така, ќе отвори и посебен простор – Дом на ДР Конго – во рамки на својот спортски комплекс „Камп Ноу“.

Договорот, сепак, предизвика реакции. Човекови права организации и критичари го доведуваат во прашање соработувањето со држава која се соочува со сериозни предизвици – од екстремна сиромаштија до загрижувачки извештаи за вонсудски егзекуции и кршење на човековите права во последниот период.