Следниот противник на Шкендија има пет меча против македонски екипи и – ниеден пораз

Откако синоќа направи сензација и го елиминира ФЦСБ, Шкендија во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе се сретне со азербејџанскиот првак Карабах кој ѝ е познат на македонската фудбалска јавност.

Станува збор за 12-кратен првак на Азербејџан, но 11 од овие 12 трофеи освои од 2013 година досега. „Киксираше“ само во 2021 кога Нефчи Баку ја освои шампионската титула. Меѓу другото, таму играше поранешниот македонски репрезентативец Муарем Муарем, а еден од раководителите на академијата беше нашиот стручњак Борче Христов. Во сезоната 2017/18, азербејџанскиот тим учествуваше во групната фаза од Лигата на шампионите каде за противници ги доби Рома, Челси и Атлетико Мадрид откако во квалификациите ги елиминира Самтредија, Шериф и Копенхаген.

Карабах има и пет меча со македонски клубови во европските купови и ниеднаш досега не е совладан. Четири пати се сретна со поранешниот освојувач на Купот на Македонија, Металург и тоа во квалификациите за Лигата Европа. Прво во сезоната 2010/11, Карабах победи на домашен терен со 4-1, а во Скопје беше 1-1, додека три години подоцна, во двата меча славеше со 1-0. Петтиот дуел е со Силекс во квалификациите за Лигата на шампионите, во корона-сезоната (2020/21) кога Вардар како првак на Македонија не доби лиценца за настап во европските купови, па неговото место го доби кратовскиот тим. Тогаш се играше само еден меч и Карабах славеше со 4-0.

Шкендија има шанса да ја прекине лошата традиција и со евентуално ново изненадување да си обезбеди групна фаза во Лигата Европа, како Вардар во сезоната 2017/18.