Пандевци и Македонија ЃП најавија неизвесно финале и порачаа – фудбалот да победи!

Академија Пандев за прв пат, а Македонија ЃП по пауза од цела деценија во трета пресметка за пехарот, ќе се судрат утре во 27-то финале во Купот на Македонија на Националната Арена „Тоше Проевски“ (18.30 часот) во битката за пехарот.

Струмичани и ѓорчепетровци ќе се соочат во „изненадувачкото“ финале кое ретко кој го очекуваше во оваа сезона, па освен што пехарот е сам посебе голем влог за оваа пресметка, за Македонија ЃП е и шанса да се избори место во Европа во летните квалификации. Македонија ЃП ќе го игра третото финале, има еден триумф во 2006 година со 3-2 против Шкендија и пораз во 2009 година од Работнички на пенали. За најмладиот македонски прволигаш Академија Пандев ова е дебитантско учество и шанса брзо да покаже по само две години во елитата дека има капацитет за трофеј.

„Се работи за два тима што имаат обезбедено по нешто во првенството, ние опстанокот, Академија Пандев во Европа. Предност е што и двете екипи играат отворен фудбал. Го посакуваме трофејот, затоа што и за двете страни ќе биде добра шанса да освои трофеј. Како деца од Ѓорче, дојде нашето време да го вратиме пехарот во нашите витрини. Околу притисокот, моите фудбалери се спремни на се. Докажаа наназад во првенството, дека се работи за квалитетен тим. Ги добивме сите важни натпревари што ни беа потребни. Искуството е на наша страна, имаме играчи со четири до пет финалиња. Мислам дека на вакви натпревари се заборава притисокот и заморот. Академија Пандев игра допадлив фудбал. Следејќи ги натпреварите на овие стадиони се игра допадлив фудбал. Можеби ќе треба да бидеме претпазливи, но нема да го менуваме стилот. Мислам дека тоа ќе ни донесе успех“, вели Александар Таневски тренерот на „лавовите“.

За младиот тим на пандевци ова е прв сериозен предизвик, без големо искуство, но со многу талентирани млади фудбалери, кои сезонава преку првенството стигнаа веднаш зад недопирливите Вардар и Шкендија, кои заедно освоија осум од деветте последни круни.

„Финалето на Купот за нас е некој нов предизвик за нас. Ние сме понеискусна екипа, меѓутоа имаме искусни играчи, со додатни помлади играчи со потенцијал. Македонија ЃП заслужува тотален респект, се работи за тим кој игра отворен и допадлив фудбал. Сатсифакција ни е третото место, но уште поголем успех ќе биде пехар во Купот на Македонија. Ќе дадеме се од себе, подготвени сме за натпреварот и се надевам дека ќе победи фудбалот и дека ќе дадеме добар и квалитетен натпревар. Далеку од тоа дека не чувствуваме некој притисок. Струмица е фудбалски град, многу фудбалери поминале низ неа. Ова е прво, исторско финале за Струмица, што ние сме посебно горди. Потајно имаме притисок, затоа што сакаме заедно да ја однесеме првата Куп-титула во Струмица. Дел од играчите можеби се со мислите малку повеќе опуштени. Македонија ЃП елиминира фудбалски брендови, но и покрај тоа сакам да го играме истиот допадлив фудбал. Зборував со Горан Пандев пред неколку часови, исто како и секој натпревар. Имаме посебна премија ако дојдеме до успех“, вели Југослав Тренчовски, тренерот на пандевци.

И капитените на двата тима, Остоја Стјепановиќ и Сашко Пандев најавија неизвесен и отворен дуел за пехарот, кој ако ништо друго треба да понуди и голови, возбудувања и жестока битка на теренот.

„Се работи за еден натпревар. Македонија ЃП има освоено еден трофеј во својата историја. Ова е прво финале на Академија Пандев. Ние силно го посакуваме трофејот, ќе влеземе максимално мотивирано, затоа што не делат 90, или пак, 120 минути до трофеј. За некои играчи можеби прв трофеј, но за нас е многу повеќе од тоа, затоа што носи и излез во Европа. Академија Пандев заслужува честитки за фудбалот оваа сезона. Но и ние старите не сме за фрлање. Ќе се обидеме да покажеме дека останало нешто во нас. Се надевам дека младоста нема да не надвладее“, вели Стјепановиќ.

Пандев најави дека финалето ќе го решаваат нијанси и иако табелата вели дека академците се фаворити, сепак Македонија ЃП не е наивен тим

„Не очекува еден тежок и неизвесен натпревар. Играме против екипа која знае што сака. Македонија ЃП избори опстанок, сега ќе се бори за Европа. Ние имаме квалификации за Лига Европа, трето место сме, но не чека тим кој сигурно нема да биде лесно да се победи туку-така. Според мене, Куп-финалето ќе го одлучат нијанси“, посочи Пандев.