Нов циркус: ФФМ прекршува правилници за да ја скрои Втората лига по свој ќеф!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) повторно по свој терк ја крои Втората македонска лига, па денеска, шест дена пред завршувањето на лиценцирањето на клубовите за учество во следната натпреварувачка сезона веќе ги објави екипите кои ќе играат во новата сезона која стартува на 18 август.

Најголем циркус ФФМ уште отсега прави во источната група во второлигашката конкуренција, во која ќе играат Борец од Велес, штипска Брегалница, Вардар Неготино, Тиквеш од Кавадарци, Саса од Македонска Каменица, Кит-го од Пехчево, Кожув од Гевгелија, Партизан од Обрешани и два тима од Радовиш – Детонит јуниор и Плачковица.

Но, тоа што е најчудно е фактот дека ФФМ се истрча да ги соопшти денеска десетте екипи, кои треба да играат во Втората лига – Исток, пред да биде завршен процесот со лиценцирање, кое од куќата на фудбалот на клубовите им го соопштиле дека ќе трае до 5 јули. И по некоја нормална логика, склопувањето на второлигашката конкуренција би требала да се случи откако клубовите кои треба да играат прво да ги исполнат неопходните критериуми, а потоа ФФМ да ги потврди сите учесници.

Но, кога станува збор за ФФМ, тогаш правилниците може и да се прекршат, па така пред да има комплетно лиценцирање и објава, кој исполнува услови, а кој не, фудбалската организација веќе си ги потврди клубовите за новата сезона. Сепак, проблематично е како Партизан од Обршани ги исполнил критериумите, кога овој тим не исполнува ништо од зададените задачи. 

Според членот 54 од правилникот за натпреварување во Вторите лиги, каде што пишуба дека „покрај спортскиот резултат, екипите кои ја пополнуваат соодветната Втора лига, како и другите екипи учесници задолжително треба да ги исполнат и условите и лиценцните критериуми за учество во Втората лига“.

Во случајот, Партизан од Обршани, освен тоа што се пласирал, не исполнува никакви услови од лиценцирањето, затоа што овој тим има само 28 пријавени играчи, но според критериумите треба да има најмалку две младински категории, треба да имаат решение од Агенцијата за млади и спорт за дејност спорт, свој стадион, лиценциран тренер... Нашите неофицијални информации се дека Партизан ова го нема, а ФФМ веќе го потврдил како учесник во Втората лига – Исток. Уште повеќе, овој тим мака начи и со финансии за да се натпреварува и да плати котизација. 

Во минатата сезона, Хоризонт Турново ги почна настапите во второлигашката конкуренција и потоа среде сезона беше исфрлен од лигата поради неплатена котизација, а ФФМ го прифатила поранешниот македонски вицепрвак и европретставник да игра во оваа конкуренција. Сега, ФФМ повторно тргнува наопаку, па ризикува лигата среде сезона да остане со помалку екипи.

Втор проблем е фактот што Радовиш ќе има два тима во Втората лига, а и двата тима немаат елементарни услови за игра, стадион на кој нозете пропаѓаат на теренот, па шансите за повреди на фудбалерите се уште поголеми. Ниту инфраструктурата на стадионот не е на нормално ниво и оттаму сега се поставува прашањето зошто ФФМ издава лиценци и што сака да скрои во второлигашката конкуренција и зошто уште од почеток Источната група станува нерегуларна?