Артета против наследникот на Гвардиола – спектакл за првиот трофеј во Англија!
Лондонци зад себе имаат исклучително успешна сезона, а во новата влегува со уште поголеми амбиции. Тимот на Микел Артета конечно успеа да ја освои Премиерлигата, а следниот предизвик е да покаже дека може во континуитет да освојува големи трофеи. „Топчиите“ во најголем дел го задржаа шампионскиот состав, а најзвучно летно засилување е Бруно Гимараеш. Арсенал плати голема сума за да го доведе Бразилецот од Њукасл и со него дополнително го засили средниот ред. Првата можност за трофеј доаѓа уште на стартот од сезоната. Арсенал досега 17 пати го освојувал Комјунити шилд, а поуспешен е единствено Манчестер јунајтед со 18 трофеи.
Од другата страна почнува нова ера во Манчестер сити. Енцо Мареска го наследи Пеп Гвардиола и токму против својот поранешен соработник Артета ќе има можност со трофеј да го почне мандатот на клупата на „граѓаните“. Сити летово претрпе значителни промени во составот. Бернардо Силва си замина, додека сѐ погласни се најавите за трансфер на Родри во Барселона. Раководството веќе работеше на освежување на тимот, а најмногу внимание привлече доаѓањето на Елиот Андерсон за 130 милиони евра. Како потенцијална замена за Родри се споменува и суперталентираниот Буади од Лил.
„Граѓаните“ на тој начин влегуваат во своевидна реконструкција, а големото прашање е дали Мареска ќе успее да ја продолжи победничката ера која ја создаде Гвардиола. Сити има и добра традиција во последните пресметки со Арсенал. На последниот меѓусебен дуел славеше со 2-1 на „Етихад“, а во последните шест натпревари против лондонскиот тим претрпе само еден пораз.
Двата тренери имаат и проблеми со составите. Ерлинг Халанд се врати на тренинзите, но поради недоволно одиграни минути во подготвителниот период се очекува средбата да ја почне од клупата. Кај Арсенал сигурно ќе ги нема Јуриен Тимбер и Вилијам Салиба, додека Деклан Рајс, Букајо Сака и Мартин Зубименди најверојатно нема да бидат стартери. Неизвесно е и дали Бруно Гимараеш веднаш ќе добие место во почетниот состав.