Засилување во битката за ЕП - Македонија има нов Американец!

Американскиот центар Мозес Рајт и официјално ќе биде дел од македонската кошаркарска репрезентација во претстојниот августовски ФИБА прозорец. Неговиот клуб, Олимпија Милано, потврди дека кошаркарот ќе ѝ се стави на располагање на Македонија.

За интересот на Рајт да добие македонско државјанство и да настапува за националниот тим се говореше уште во јуни, а сега приказната доби и официјална потврда.

Македонија на крајот од август ги продолжува настапите во втората фаза од претквалификациите за Европското првенство. Првиот предизвик ќе биде дуелот со Австрија, закажан за 30 август.

Рајт зад себе има одлична сезона. Американецот настапуваше за литвански Жалгирис, каде беше прв избор под обрачите и имаше значаен удел во одличното петто место на тимот во регуларниот дел од Евролигата.

Во најсилното европско клупско натпреварување тој просечно постигнуваше 13,2 поени и 6,5 скока, со индекс на корисност од 17,1, за нешто повеќе од 23 минути на паркетот по натпревар.