Шестиот најуспешен тренер во историјата на НБА објави крај на кариерата
Својот последен ангажман тој го имаше во Милвоки Бакс, со кој се раздели во април 2026 година. Во 27 сезони како НБА тренер оствари 1.194 победи и 866 порази, што го става на шестото место на вечната листа на најуспешни тренери.
„Можам искрено да кажам дека сум апсолутно пензиониран. Имав долг пат, кој заврши со приемот во Куќата на славните. Многу сум благодарен што толку долго можев да го работам ова“, изјави Риверс.
Најголемиот успех во неговата кариера го постигна со Бостон Селтикс, со кои во сезоната 2007/08 ја освои НБА титулата. Во финалето тимот предводен од Пол Пирс, Кевин Гарнет и Реј Ален го совлада Лос Анџелес Лејкерс.
Риверс тренерската кариера ја започна во Орландо Меџик во 1999 година, а во својата дебитантска сезона беше прогласен за тренер на годината. Потоа работеше во Бостон, Лос Анџелес Клиперс, Филаделфија и Милвоки. Четири пати беше тренер на Ол-стар натпреварот.
По заминувањето од тренерската работа, Риверс останува во кошарката. Тој ќе биде аналитичар на НБА натпреварите на NBC Sports во сезоната 2026/27, каде што ќе работи и со својот син Остин Риверс, кој исто така е дел од телевизискиот тим.