Ништо од помошта од Силекс, Вардар остана второлигаш – Воска и Беласица во бараж!
Воска за само еден бод го победи Вардар во трката за баражот, па настрана што кратовци денеска не му помогнаа на најтрофејниот клуб, прескапо црвено-црните ги платија двете гостувања во Гостивар, прво со епското промашување на празен гол на Ерен Парталко во првиот меч пролетва (1-1), а потоа со криминалниот грабеж од судиите во поразот во 96-та минута на 13-кратниот првак (1-2).
Ристе Илијовски во 51-та минута по еден корнер го даде злато вредниот гол за Воска за водство во Кратово, а Силекс се врати во мечот на 12 минути пред крајот со голот на Ѓорѓи Танушев, но на вардарци им требаше некогашниот голем ривал да победи, но Силекс кој во петок го чека финале во Купот, немаше шанса за да направи пресврт.
Вардар од друга страна, со два гола во првиот дел на Давид Велковски и Филип Петковски си ја заврши својата задача во Дебар (2-1) за да ја запише петтата победа во низа откако на клупата седна Бобан Грнчаров, но победничката серија во завршницата не беше доволна за да се фати возот кон Прва лига сезонава.
Беласица со 3-1 победи во Гевгелија за да го завери баражот од Истокот со триумфот против Кожув, па небитно беше дербито во Виница, Слога – Победа за струмичани.
Александар Милушев уште по пет минути донесе водство, Филип Михаилов во 65-та ја дуплираше предноста, а Александар Коцев четири минути потоа само ја завери победата за струмичката гордост.
Воска и Беласица сега на ждрепка ќе чекаат со кого ќе играат во баражите идниот викенд, против Тиквеш и Скопје.