Ништо ново во Втората лига: Брегалница остана лидер со два чекори пред три екипи!

Екипата на Брегалница го задржа лидерското место во Втората лига, откако попладнево, на домашен терен, убедливо ја совлада Слога Виница (4-1).

Штипјани рано поведоа преку Дино Михолов, а гостите израмнија со погодокот на Давид Спасов. Сепак, пред паузата Аљбан мемеди повторно донесе водство за домаќините, а во вториот дел победата ја заверија Стефан Костов и Бранимир Иванов.

Победа во трката за врвот оствари и второпласираниот Охрид, кој славеше на гостувањето кај Тетекс (2-1). За охриѓани погодија Иван Глигоров и Ерен Парталко, додека единствениот гол за домаќините беше дело на Али Хисар.

Три бода освои и Скопје, кој победи кај Преспа (2-0). По мирното прво полувреме, победата на „пиратите“ ја донесоа Виктор Ангелов и Мердиан Рамадани со два брзи гола. Во чекор со водечките остана и Шкендија Арачиново, која минимални славеше кај Кожуф (1-), а победничкиот погодок во 84. минута го постигна Фикрет Ливарека.

Брегалница останува лидер со 61 бод, додека Охрид, Скопје и Шкендија Арачиново имаат по 59 и ја продолжуваат жестоката битка за врвот, во која остануваат уште четири кола. Првопласираниот тим влегува директно, а второ и третопласираните ќе играат бараж.