Неочекувано: Бомбастичното зимско засилување Данфа раскина со Шкупи!? (ФОТО)

Сенегалецот Мамаду Данфа беше донесен зимава како бомбастично засилување за македонскиот првак Шкупи, летово го даде првиот европски гол во актуелниот циклус против гибралтарски Линколн, но овој напаѓач си заминува од Чаир откако го раскинал договорот со „гулабите“.

Чаирчани не објавија досега дека Данфа си заминува од клубот, но во гласникот на ФФМ, „Макфудбал“ веќе е објавен раскинот на договорот на Сенегалецот со чаирчани. Прекинот на соработкатата е спогодбена. Официјално раскинот е објавен во петокот на 29 јули, па очекувано Данфа не беше во конкуренција за настап вчера за мечот во Ирска, каде Шкупи загуби од Шамрок со 1-3.

Данфа во Шкупи дојде од украински Колос Ковалиевка, беше младински репрезентативец на Сенегал, во 2019 година запиша и настап за А-тимот на актуелниот африкански првак.

Шкупи пред неколку дена регистрира нов Сенегалец, Алберт Лемане Диене, кој потпиша тригодишен договор со Шкупи, а вчера направи несмасен пенал после 13 минути од дебито.