
Најава за крај на турската власт во Тиквеш - си заминаа ударните тупаници на газдата!
Пред десетина дена имаше ултиматум од Општината, да се средат финансиските проблеми во најбрз можен рок за да не дојде до одземање на клубот, но од последните информации може да се заклучи дека пред Тиквеш е тежок период. На функцијата спортски директор повеќе не е Емир Шабани кој поднесе оставка иако во клубот дојде во текот на летото, со новиот сопственик Осман Таш. Шабани имаше долгогодишно искуство на оваа позиција бидејќи ја извршуваше и во најдобрите денови во Шкупи, кога чаирскиот клуб беше и шампион на Македонија, а од неговиот потег може да се заклучи дека работите во Кавадарци не се како што посакуваа навивачите.
Покрај Шабани, од Тиквеш си заминала и директорката за комуникации Пелин Коч која неодамна, во интервју за Спорт 1, најави „европски Тиквеш кој секоја година ќе учествува во натпреварувањата на УЕФА“ и ќе има силна академија.
Низ Кавадарци се зборува дека градоначалникот Митко Јанчев, односно Општината веќе му го одзела клубот на Таш, но засега нема никаква официјална потврда за тоа.