Тенисот тагува: Почина човекот кој го „измисли“ Новак Ѓоковиќ!

На 86-годишна возраст, утринава во Риека почина славниот хрватски и југословенски тенисер и тренер Никола Пилиќ.

Безмалку целиот живот му го посвети на тенисот, имаше бројни успеси во својот спорт, работеше со некои од најдобрите играчи, а има огромна заслуга и за кариерата на најдобриот на сите времиња Новак Ѓоковиќ. Самиот Ѓоковиќ многу пати изјави дека Пилиќ, заедно со Јелена Генчиќ, имаат огромен придонес за неговата кариера, особено во нејзините почетоци.

Пилиќ го промени светскиот тенис, ги удри темелите на АТП и почна промени кои доведоа до професионализација на овој спорт. Како активен тенисер, освои 16 АТП титули (пет во сингл и 11 во двојки), а ја претставуваше Југославија на Медитерански игри и на Универзијади. Најголемиот успех во поединечна конкуренција му беше финалето на „Ролан Гарос“ во 1973 година каде загуби од Илие Настасе.

Многу поуспешен беше како тренер бидејќи пет пат триумфираше во Дејвис купот, три пати со Германија и по еднаш со Хрватска и Србија.

фото: EPA photo