Митровски само три месеци е во Олимпија, а веќе го доби и – четвртиот тренер!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Димитар Митровски, се најде во неверојатно бизарна ситуација, откако по само три месеци минати во новата средина веќе го доби и четвртиот тренер.

Аргентинскиот стручњак Федерико Бесоне (41) денеска е именуван за нов тренер на словенечкиот фудбалски клуб Олимпија, со договорот е потпишан до крајот на тековната сезона, со можност за продолжување уште една година. Тој фудбалска кариера ја започнал во легендарната академија на Барселона, Ла Масија, но не успеал да се пробие до првиот тим. Играше за Барселона Ц и Еспањол Б, а потоа кариерата ја продолжи во Англија, настапувајќи за Свонзи, Лидс, Чарлтон, Свиндон Таун, Олдам и Милвол. Во дресот на Свонзи запиша еден настап во Премиер лигата. Играњето го заврши во Андора, каде подоцна ја започна и тренерската кариера.

Првиот тренерски ангажман го имал во сезоната 2021/22 со Интер д’Ескалдес, со кој освои Андорски Суперкуп. Следната сезона премина во Атлетик д’Ескалдес и клубот го одведе до титула првак. Подоцна го предводеше Санта Колома, завршувајќи на третото место во првенството, но со забележителен успех во квалификациите за Конференциската лига.

„Многу сум среќен што дојдов во Олимпија. Клубот ме пречека одлично, иако резултатите беа лоши, за што сум многу благодарен“, изјави Бесоне на претставувањето. Тој додаде дека навивачите можат да очекуваат игра со посед на топката, инспирирана од неговото искуство како играч во Барселона, Еспањол и Свонзи.

Претходно на клупата на Олимпија се менуваа Виктор Санчез (по крајот од минатата сезона, освојувајќи словенечко првенство), Жорже Симао (од 1 јули до 5 август, три победи, два ремија, два порази), Иван Сенцен (5–13 август, победа и реми) и Ервин ван де Лој (11 август–22 септември, две победи, реми и пет порази).