Турска убавица за европски Тиквеш: Во Кавадарци сум како дома!

Екипата на Тиквеш летово започна ново поглавје во својата историја, откако беше презеден од германскиот инвеститор со турско потекло, Осман Таш, кој постави сопствена раководна структура со цел да внесе европски стандарди во функционирањето на сите сегменти, а јасен сигнал за европската визија е назначувањето на турската убавица, Пелин Коч, за директор за комуникации.

Таа е спортска новинарка со повеќе од една деценија искуство. Кариерата ја започнува во 2012 година на радио, а веќе по една година преминува на телевизија, каде што работи како новинарка, ТВ презентерка и уредничка. По десет години во медиумите, Коч решава да направи професионален пресврт и да тргне по поинаков пат, ја прифаќа понудата од новиот сопственик на Тиквеш и доаѓа во Македонија. 

„Фудбалот отсекогаш бил мојата најголема пасија. По 12 години работа во медиумите почувствував дека е време да бидам директно дел од еден клуб, да бидам во самото срце на играта. Новиот сопственик на Тиквеш ме познаваше од моите години на турската телевизија и ми рече дека сака да соработува со мене. Ја искористив шансата без двоумење. Дополнителна сила ми даде тоа што мојот најдобар пријател, Емир Шабани (директор на ФК Тиквеш). Со неговата поддршка одлуката беше многу полесна. Кога пристигнав во Кавадарци и ги запознав стручниот штаб и фудбалерите, веднаш почувствував дека сум направила вистински избор“, вели Пелин Коч.

Македонија не била непозната земја на Пелин, таа и пред ја прифати работата во Тиквеш ја посетувала нашата земја како туристка, овојпат доаѓа тука на едно подолго и поинакво искуство.

„Македонија сум ја посетила многупати како турист, но никогаш претходно не сум била во Кавадарци. Тука сите многу топло ме пречекаа - и во клубот и во секојдневниот живот, сите се трудеа да ми помогнат. Луѓето тука се многу љубезни и ми даваат поддршка. Во оваа земја можам да видам многу работи кои се блиски до мојата култура. Родена сум и израснав во Истанбул, мислев дека прилагодувањето на друга култура може да биде многу тешко, но воопшто не беше така. Тука се чувствувам како дома. Исто така сакам што поскоро да го научам македонскиот јазик и да можам да зборувам на македонски“.

Пелин Коч е страстен навивач на Галатасарај – и тоа не е случајно. Љубовта кон клубот ја носи од семејството, а особено од својот чичко, кој цели 25 години работел како тренер во академијата на турскиот гигант.

„Пред да почине, мојот чичко долги години беше дел од академијата на Галатасарај и тоа го направи клубот посебен за целата наша фамилија. Затоа и јас сум навивач на Галата. Најдобрите натпревари на кои сум работела, без дилема, се дерби мечевите Галатасарај–Фенербахче, Галатасарај–Бешикташ и Бешикташ–Фенербахче. Но, за мене најнезаборавен момент останува финалето од Лигата на шампионите во Истанбул во 2023 година, меѓу Манчестер Сити и Интер“, открива Пелин.

Тиквеш оваа сезона тргнува со јасна визија – да ги постави темелите на клуб кој во иднина ќе биде еден од најстабилните и најорганизирани во Македонија.

„Целта на Тиквеш оваа сезона е да биде колку што е можно повисоко на табелата. Долгорочната цел на клубот е да игра во Европа секоја сезона и да има силна академија. Тоа исто така беше моја најголема мотивација за да ја прифатам работата. Сакаме да го направиме Тиквеш европски клуб во блиска иднина“, заврши Коч.