МВР потврди: Родител на фудбалер на Шкупи натепал двајца малолетници па бил - притворен!

Денеска на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип се случи сериозен инцидент откако млади фудбалери на Брегалница беа нападнати од родител на дете на Шкупи, а хаосот го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР соопшти дека 43-годишен скопјанец, родител на фудбалер на Шкупи, влегол на теренот и повредил двајца малолетници од редовите на Брегалница, кои потоа биле пренесени во болница.

Напаѓачот потоа бил уапсен од страна на полициските службеници на СВР Штип, по што се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти МВР.