Морбидно: „Балисти“ со ковчег го најавија дербито со Вардар! (ФОТО)

В понеделник во Тетово се игра големото дерби на десеттото коло на Првата македонска фудбалска лига, меѓу Шкендија и Вардар.

Иако сам по себе, овој дуел предизвикува огромно внимание и тензија, навивачите на тетовскиот клуб се погрижија да биде уште подраматично. Во својата најава на натпреварот, освен што се пожалија на терминот на одигрување (понеделник од 13:30 часот), тие објавија фотографија која во најмала рака е морбидна, а е секојдневие во нивниот фолклор.

Фотографијата е направена на првенствениот дуел меѓу овие две екипи од 4 март 2024 година кога „Балисти“ имаа кореографија во која Вардар беше „ставен“ во мртовечки ковчег и фрлен во пеколот кој го симболизираше тетовскиот стадион. Таа кореографија тогаш наиде на воодушевување на домашната публика која со задоволство и аплаузи го проследи она што се случуваше на трибината на „Балистите“. Интересно е тоа што тогаш официјалните лица останаа неми и не го санкционираа однесувањето на најжестоките фанови на тетовскиот клуб.

Ова не е првпат навивачите на Шкендија да сеат омраза на натпреварите во македонскиот фудбал. Во март годинава, додека цела Македонија беше во траор поради трагедијата во Кочани, на мечот против Брера извикуваа УЧК во моментите кога му се оддаваше едноминутен молк на загинатиот фудбалер на Шкупи, Андреј Лазаров. Освен тоа, со години го навредуваат покојниот Тоше Проески за што никогаш клубот не доби ниедна санкција.