„Лазаров две години неправедно ме игнорираше - сега јас не го прифаќам неговиот повик!“

Ракометарот на Пелистер, Дејан Манасков го одби повикот од селекторот Кире Лазаров, тој преку кратко соопштение објасни зошто нема да се врати во македонската репрезентација.

Манасков игра во голема форма оваа сезона, па селекторот Лазаров реши го врати во репрезентацијата. Тој се најде на списокот на повикани ракометари за престојните натпревари, но враќањето нема да се случи.

Македонското крило во кратко соопштение објасни зошто нема да го прифати повикот и нема да се врати во репрезентацијата.

„Би сакал да ја информирам целата македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката.

Во изминатите единаесет години колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес. Се борев и настапував секогаш со цело срце.

Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван. После се што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука.

Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. 
До некое следно видување Македонијо“, напиша Дејан Манасков.