Скопско дерби на Градски, лидерот ја чека забревтаната Брера

По вчерашните два, денеска се играат уште два натпревара од десеттото коло во Првата македонска фудбалска лига.

Двата меча почнуваат во 14:30 часот, на Градски во Скопје, Работнички го пречекува градскиот ривал Македонија ЃП, додека во Струга, поранешниот шампион се среќава со Брера која игра одлично во последно време, по лошиот старт на сезоната.

Работнички се наоѓа во лоша серија во домашното првенство, четири кола не знае за победа, во тој период освои само еден бод и тоа против „фенерџијата“ Шкупи, а последниот и досега единствен триумф го оствари на 18 септември, против Пелистер. Како последица на тоа, се наоѓа на претпоследната позиција на табелата со само пет бода и едноставно мора да победи ако сака да фати приклучок со ривалите за опстанок. Македонија ЃП е во далеку поповолна позиција, победи на три од последните четири натпревари и со вкупно 12 бода се наоѓа на шестото место на табелата, па и бод од денешниот натпревар би ѝ одговарал.

Во вториот денешен натпревар, лидерот на табелата Струга ја пречекува Брера во надеж дека ќе ја задржи лидерската позиција на табелата. Поранешниот шампион е еден од трите тимови без пораз во досегашните девет кола од првенството, а со оглед на тоа што во ова коло се среќаваат Шкендија и Вардар, може да се надева дека ќе ја зголеми предноста пред ривалите за титулата. Сепак, тоа нема да биде толку лесно бидејќи Брера игра одлично во последните три кола во кои освои седум од вкупно 12 бода колку што има на своето конто. Од тим кој беше закован при дното, струмичкиот состав се искачи на седмата позиција и се надева дека денеска може да го повтори резултатот од 21 август 2023 година кога како гостин ја совлада Струга со 2-1.