Каменица Саса: Жртва сме на катастрофално судење - примивме два нерегуларни гола! (ВИДЕО)
Соопштението на тимот од Македонска Каменица содржи и видео од едниот од головите на кое јасно се гледа дека стрелецот за Детонит беше во офсајд при центаршутот.
Реакцијата на Каменица Саса ви ја пренесуваме во целост:
„ФК Каменица Саса уште еднаш беше жртва на катастрофално судење од страна на судиите при Фудбалската федерација на Македонија.
Веќе и не сме во можност да ги изброиме натпреварите на кои, поради судиски грешки, губиме драгоцени бодови.
Оваа година бевме очигледно оштетени на натпреварите со Тетекс, со Скопје, а денес и со ФК Детонит Плачковица.
На денешниот натпревар, двата гола на ФК Детонит Плачковица беа нерегуларни.
•Кај првиот гол, топката не ја мина гол-линијата, а погодокот го „виде“ само помошниот судија.
•Вториот гол, како што јасно се гледа на снимката во прилог, беше постигнат кога играчот на Детонит беше во длабок офсајд.
Да не зборуваме и за тоа што, и покрај покажани пет минути продолжение, судијата го продолжи натпреварот цели осум минути. Кон ова, мораме да истакнеме, дека во првото полувреме ни беше поништен чист гол.
Нашите фудбалери не добиваат никаква толеранција на ниту еден дерби-натпревар. Без резон им се доделуваат жолти и црвени картони, а повеќето дерби-натпревари траат сè додека ние не примиме гол.
Ваквиот однос на судиите кон ФК Каменица Саса е срамен и недостоен за македонскиот фудбал. За доброто на фудбалот, бараме итен состанок со Судиската организација при ФФМ“, стои во соопштението.