Јаневски: Приморани сме да правиме промени, но сите мора да бидеме храбри за први бодови!

Македонскиот шампион Вардар утре ќе го заврши својот дебитантски настап во големото друштво во Лига Европа со домашната задача против Розенборг на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот), а црвено-црните немаат друг избор освен да стигнат до прв(и) бод(ови) во ова натпреварување.

Вардар од Розенборг загуби со 1-3 на крајот на септември, иако одигра добар меч и имаше низа свои шанси за подобар резултат. Сега, Норвежаните доаѓаат во Скопје како должници, а вардарци десеткувани особено во одбраната ќе мора да се издигнат над проблемите, не само во играчкиот погон, туку и психолошки по поразот од Шкупи за да стигнат до добар резултат.

„Ова е наш последен меч во Лигра Европа и видовме сите што значи да се игра во оваа натпреварување. Сето ова треба да ни биде мотив за во иднина, да не биде играње само оваа година, туку и во блиска иднина пак да биде во групите во Европа. За нас ова беше настап за соборање на искуство, како за стручниот штаб, така и за играчите, за тие кога ќе заминат во странство да знаат како е да се игра во Европа. Ние сакаме да ги освоиме првите бодови, а освен собирање на искуство, мораме да гледаме и на резултатскиплан. Досега не минавме добро, а на две гоствања бевме блиску до бод, со Розенборг каде што одигравме добар меч, како и на последниот меч со Зенит, каде бевме рамноправен противник, посебно во вториот дел и можеби можевме до историски бод. Утре е последна шанса да дојдеме до тие посакувани бодови“, вели тренерот Јаневски.

Вардаровиот кормилар има многу мака за да состави одбрана, а најмногу висат бековските позиции, затоа што на десен бек ги нема одамна повредениот Владица Брдаровски, како и првиот избор Хофханес Хамбарџумјан, додека на лев бек е само Бесир Демири.

„Од 19 фудбалери кои се пријавени, имаме неколку играчи кои не можат да играат, а знаете Брдаровски е овреден одамна, Хамбарџумјан е суспендиран. Утре во дефанзива мора да направиме рокади и да не бидете изненадени, зошто сме приморани, некој од играчите ќе мора да игра на неприродна позиција. Се на се, мора да истрчаме храбро за да дојдеме до тие посакувани бодови“, додава Јаневски.

Тој потенцира и дека Вардар мора да покаже желба, знаење, тактичка подготвеност и верба за да стигне до својата цел.

„Со добар пристап, организациски пред се, тактички, со желба и знаење и со верба во своите квалитети, пред наша публика да одиграме на ниво. Овие сегменти мора да ги имаме ако сакаме да стигнеме до бодовите. Првите два меча дома пред наша публика не ги одигравме на добро ниво, тие порази болат и денеска, но сето тоа е минато. Утре со поддршка од нашите навивачи да стигнеме до бодовите“, потенцира Јаневски.