„Претседателот на ФФМ, селекторот, спортскиот директор - тие ја растурија македонската репрезентација!“

Кога ќе ви се поклони еден Интер, Лацио, Наполи, сите најголеми светски медиуми, тоа е доволен доказ колку еден фудбалер оставил голем белег во европскиот и светски фудбал, а несомнено Горан Пандев е еден од тие што остави неизбришлива трага во италијанскиот фудбал, како еден од малкумината странци со безвременски бројки – безмалку 500 мечеви и над 100 гола во Серија А.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Иконата на македонската репрезентација, рекордер по настапи (122) и голови (38), ланското лето со стоечки овации во Амстердам ја заврши репрезентативната кариера на Еуро 2020, а летово конечно стави крај на дводецениската фудбалска кариера, со страшни бројки и сите можни освоени трофеи. Пензионирањето на Пандев е еден од најважните моменти во оваа 2022 година, па ако ФФМ го игнорира, ние му направивме гранде интервју во кое директно, искрено и многу расположено раскажа за сѐ. 

Ни требаше едно полувреме сосе дополнување за „Гранде Мачедоне“ да одговори на сите прашања поврзани со неговата величенствена кариера, за проектот со италијанска Брера и неговата Академија Пандев и неизбежното, македонската репрезентација и особено за падот во последно време, како и за односот со Фудбалската федерација на Македонија.

Пред 21 година како тинејџер зачекори во една од најсилните фудбалски земји и на крај остави огромен белег со безмалку 500 меча и 100 гола во популарното Калчо. Кога ќе се навратиш на сѐ што помина, го оствари ли Пандев детскиот сон со фудбалската кариера? 

Навистина играв на највисоко ниво во една од најголемите фудбалски лиги во светот, а сон на секој млад играч фудбалер е да игра во една таква силна лига. Знам од каде излегов и колку тешко е да успееш, ама со макотрпна работа, со верба во себе... Се откажав од многу работи како млад, зашто ме интересираше само фудбалот и секако пресудна беше тука и подршката од семејството.

Најискрено, јас играв фудбал со другарите во маало и еден ден отидов на тренинг да им правам друштво, седев на страна и си играв со топката. После тоа тренерот ме повика да почнам да жонглирам, да покажувам некоја техника и ме рече дали сакам да тренирам. Сон ми беше да тренирам фудбал, сон ми беше да дебитирам за Беласица и тоа се оствари, од Втора лига влеговме во Прва. Знаеме сите дека Струмица е еден од најспортските градови, која ги дала и најголемите таленти и ми беше чест да го носам дресот на Беласица во Прва лига. Имавме фантастична сезона после долги години бевме прволигаши и почна сонот едноставно да се остварува. Желба ми беше да играм за првиот тим, а после тоа дојде повикот во Интер. Кога ме викнаа не ми се веруваше, но бев среќен и убеден дека можам да успеам. Верував во себе дека со макотрпна работа ќе успеам.

Најголема поддршка имав од семејството, посебно од сопругата и децата, а благодарение на неа со три деца не е лесно и едноставно да се биде позади мене, а секој трет ден јас имам меч, карантини...

Од Анкона, преку Лацио до Интер, со кратка авантура до Истанбул, па Наполи и Џенова? Кога ќе погледнеш од оваа перспектива, со сѐ освоено зад себе, има ли нешто што ти остана неостварено во кариерата?

Мојата кариера во Италија на почеток не беше најиделана! Во Интер играа големи шампиони и беше тешко да изборам место во првиот тим, па ме праќаа на заем, прво во Специја во трета лига, па во Анкона. А, сонот ми беше беше да го облечам дресот на Интер во Серија А, да играм во првиот тим. Но, верував, а и кога бев на заемите макотрпно работев, сакав да докажам дека треба и можам да го носам дресот на Интер.

Во Лацио ги одиграв најдобрите мечеви, бројките тоа и го покажуваат, но желбата ми беше Интер, за да докажам дека можам да играм да играм во таков гигант. А, имав понуди од Англија и Германија, имав од Зенит... Сонот сепак беше да се вратам во Интер, потоа се случија некои работи, од Лацио се ослободив гратис, а кога дојде повикот од Масимо Морати и Жозе Мурињо, јас не ни размислував повеќе.

Имав преддоговор со Севилја во тоа време, никој не знаеше, зашто ми истекуваше договорот со Лацио за пет месеци, ама кога дојде повикот од Интер, едноставно таму сакав да продолжам.

Кога би избирал од целата кариера, клупска и репрезентативна, кој е моментот на кој најмногу се гордееш? За секој фудбалер секој гол е важен, специјален, носи своја приказна, ама лично кој гол посебно би го издвоил во кариерата, кој има посебна важност?

Ако зборуваме на клупско ниво, јас дадов повеќе од 100 гола, ама тој гол во Грузија (Тбилиси, 12 ноември 2020 – н.з.), тој е исполнување на еден сон, не само мој, туку на сите во Македонија, на сите фудбалски навивачи во нашата земја. Ако зборувам за моменти од кариерата, секако тоа е освојувањето на Лигата на шампионите, пласманот со Македонија на Еуро 2020. Тоа се два моменти на кои доживотно ќе се сеќавам, секако и моето прво „скудето“ во Сиена. Едноставно ми се остварија сите соништа, секој сонува за вакви успеси.

Кога ќе погледнеш назад, сега после шест месеци од пензионирањето, сите бројки, достигнувања, трофеи... Се смета ли Горан Пандев за најдобар фудбалер во историјата на Македонија?

Ха, ха, ха... Не мора јас да кажам дали сум најдобар во историја! Јас само сум горд на овие бројки зад себе. Сега кога имам и повеќе време и кога ќе се навратам, за тоа што сè сум постигнал и што сè сум направил. Јас доаѓам од мала земја, не сум ни Аргентинец, ни Бразилец, а фудбалерите од таму кога доаѓате во Италија се попривилегирани. Доаѓањето од Македонија значи да бидеш пет-десет пати подобар. И горд сум што сум Македонец со вакви бројки и резултати зад себе. Зашто јас ја презентирав и Македонија. Во Италија сите Македонија ја препознаваа по Горан. Кога ќе речеш Пандев, тоа се подразбира Македонија, или ако речете Македонија сите ве препознаваат преку Горан.

Летово замина во пензија, пред година ипол стави крај и на репрезентативната кариера и од најзначајните светски медиуми, преку клубовите, Серија А, УЕФА, многу легенди – сите се поклонија на Гранде Мачедоне. Какви емоции буди сега кога ќе се присетиш како една потврда дека си оставил траен белег, каков што малкумина странци на Апенините може да се пофалат?

Искрено не знам што да кажам. Нешто значајно си оставил во европскиот фудбал, како што реков претходно доаѓате од мала земја, а завршувате кариера во Амстердам, добивате почит од холандска федерација, од луѓе што значат нешто во фудбалот, од клубовите. Нема подобро чувство од тоа, зашто знаеш дека си оставил добар белег. И тоа е нешто најголемо што сум го направил во животот, да те почитуваат еден Интер, Наполи, Лацио... Нема поголемо од тоа!

Ама, во сето тоа, остана една горчина - во Македонија не доби ни едно благодарам? Ни за репрезентативната пензија, ниту за фудбалската? Остана за спомен холандски дрес со бројот 122, стоечки овации и аплауз во Амстердам, благодарници од секаде, но нема македонски дрес, нема плакета, нема признание... За проштален меч, аплаузи на отворена сцена на скопската Арена да не зборуваме?

Ми недостига македонскиот дрес, тој дрес што најмногу го сакам и ценам и за кој што играв од срце, од љубов... Но, знаеме во Македонија кој и какви луѓе го водат фудбалот. Затоа и сме на ова ниво. Нивното его е поголемо, а со таквиот потег само покажаа какви луѓе се, какви луѓе го водат фудбалот. И уште ние тоа го дозволуваме. Никој ништо не презема. А, жално е што таму се некои луѓе што немаат врска со фудбалот и лечат лични комплекси. Ама, за жал дозволуваме тие истите да го водат.

Еуро 2020 беше круна на величенствената кариера, замина од македонскиот дрес како рекордер и по настапи и по голови. Но, не беше сѐ на репрезентативен план како од бајка, имаше свирежи, разно-разни епитети низ годините, па твое кратко откажување... Што те натера да се повлечеш во тој период?

Ако на клупски план сè одеше во нагорна линија, со репрезентацијата сè одеше во надолна линија. Јас бев свесен дека кај нас фудбалот не е на највисоко ниво, дека во фудбалот се работи за лични интереси, но со гордост го носев дресот, иако имавме проблеми со сè – со претседатели, селектори, менаџери... Се откажав зашто не можев повеќе да ги трпам неправдите во репрезентацијата - овој да игра, тој менаџер да продаде некого... Не мислевме ние на резултати, зашто имаше луѓе кои тераа интереси и како да се збогатат. И сè тоа беше на штета на репрезентацијата. Јас 20 години бев репрезентативец и го носев дресот, знам дека имавме квалитет, но ја немавме таа енергија, таа позитивна енергија која ќе ни донесе резултати. Сè се сведуваше, кој треба да игра, друг треба да се продаде. Ми дојде преку глава и само така сакав да покажам дека не одат работите на добро, дека треба во репрезентација да играат најдобрите и најквалитетните. А имавме и тогаш добра репрезентација, но после тоа дојде Мрме (Игор Ангеловски – н.з.) и за сто отсто се сменија работите.

После година ипол се врати во националниот дрес, после еден разговор со тогашниот селектор Ангеловски? Во момент кога никој ниту имаше доверба во А-тимот, комплетно потоната со срамните позиции на ФИФА-листата, па и без некоја преголема надеж дека така брзо ќе се сменат работите? Што пресуди за кам-бекот?

Пред Мрме беа и други селектори кои ме контактираа, но не беа конкретни како Мрме. Тој ми се јави и ми рече сака на пет минути да разговара со мене, а после јас да решам дали сакам да се вратам во репрезентацијата или не. Тој тргна од Скопје да дојде да се види со мене во Џенова. Не тргна од Скопје за Струмица, туку за Џенова. И разговаравме во четири очи три часа, ми ги кажа неговите идеи, јас кажав што мислам. Ни се поклопија некои размислувања, зашто и двајцата сакавме да ја кренеме Македонија.

Дури ми рече дека ќе одиме на Европско, но имавме многу пречки, многу фудбалери од млада репрезентација на почеток не ги пуштаа. Тогаш му реков - ако не доаѓаат најдобрите да играат, нема што и јас да се враќам. Но, после настапот на младата селекција на ЕП се комплетиравме и создадовме едно семејство и до ден денес живееме, се слушаме. Тоа беше најголемото нешто што се направи.

Ама, имаше и такви што ве разубедуваа да не се враќате во репрезентацијата?

Ми велеа работите не се такви какви што ги претставува Мрме. Постојано има некоја политика, кој е власт, кој е опозиција. Чудно ми беше, зашто наместо да се борат, да се радуваат, ти велат подобро да не доаѓааш. А, јас никогаш политички не сум бил определен и тоа е најголемата корист. Да бев политички определен ќе се јавуваа да бидам претседател уште веднаш после моето откажување од фудбалот.

Еуро 2020 беше најубавата приказна во историјата, Палермо беше кулминација на македонската селекција, шок над шоковите. И се потоа некако тргна надолу. Селекторот вели Македонија се уште е на вистинскиот пат, а дали е?

Не знам баш дали сме на вистинскиот пат, зашто тоа го покажуваат резултатите. Жал ми е, но знам со каков квалитет располагаат фудбалерите во репрезентацијата. И јас најголемата вина за овие резултати ја гледам во претседателот (Муамед Сејдини – н.з.), спортскиот директор (Данчо Масев – н.з.) и селекторот (Благоја Милевски – н.з.). Нарушена е атмосферата зашто селекторот сака да гради имиџ врз фудбалерите со голем стаж во репрезентацијата. Сака да гради имиџ врз еден Аце Трајковски, кого по 20 минути го менува, врз еден Аријан Адеми, Стефан Ристовски, кои срцето и душата ја оставиле за оваа репрезентација. Знам што можат и што им значи националниот дрес, ама некои сакаат преку нив да градат авторитет и тоа е жално. Селекторот, спортскиот директор и претседателот ја растурија најквалитетната репрезентација. Јас сум кажал и стојам на тоа дека ова е најквалитетната репрезентација што Македонија ја имала, но не знам како во иднина ќе опстои.

Што се смени одеднаш? Македонија после ЕП, а и Палермо и Порто ги мина без Пандев како лидер на теренот? За очекување беше дека ќе одиме само напред, имаме одлична генерација, а тргнавме во спротивен, погрешен правец? Кој е виновен?

Од пласманот на Европското првенство влегоа многу пари во ФФМ, се најдоа и спонзори што не паметам кога ги имало и сите очекувавме дека прво македонскиот фудбал и домашната лига ќе оди понапред, а потоа нема да имаме проблеми ни со репрезентацијата. Ама, за жал овие луѓе не мислат добро за македонскиот фудбал. Прво го сменија најуспешниот македонски селектор во историјата после голем успех, а тоа го покажуваат резултатите, па ставија селектор, кој играше со младите категории на Европско првенство, но не е исто да сте селектор во млади категории и во А-тим. Јас сум бил и младински и сениорски репрезентативец, знам како е.

Милевски може е роден за младата репрезентација, но не е за А-тимот. Милевски може да води младински репрезентации, да гради имиџ таму, да има негова кариера. Но, да зборуваш за професионален фудбал, треба да имаш нешто друго, треба да бидеш шмекер, фудбалерите да се чувствуваат слободни и да гинат. Тоа го имавме со Мрме.

Горан не направи ништо, Мрме - направи. Горан само трчаше на теренот за играчите. А, се зборуваа глупости, Горан го составувал составот?! Глупости. Јас секогаш сум се ставал на располагање на репрезентацијата и никогаш не сум кажувал кој да игра, кој не. Ние имавме хемија, имавме другарство, навистина бевме семејство. Денес тоа го нема и недостига.

И не е само А-репрезентацијата која тргна надолу, младинските селекции нѐ срамат, клупски сме само спотери на меѓународна сцена, дотуркавме до 52 место на УЕФА листата, во 2024 ќе имаме клуб помалку во Европа... Тргнавме со спринт кон тотален крах?

Ако нешто не смениме, не преземеме, со овие луѓе што немаат ни проект, ни знаење – нема иднина. Македонскиот фудбал нема да се крене со луѓе што лечат комплекси и никогаш не му мислат добро на македонскиот фудбал. Знаеме каде е, жалосно е. Една недела пред почеток на првенство се откажува Ренова и никој ништо не зборува дека се откажува. Срамота! Еве дознав сме изгубиле на дуелот со селекцијата до 15 години на Малта, ама нема каде да прочитам на сајтот на ФФМ...

Веќе две години жестоко ја критикуваш ФФМ, уште додека беше и репрезентативец, но раководството си тера по свое, а фудбалот тоне?

Јас не критикувам, јас само ја кажувам вистината. Ние на Европско првенство заминавме без нови дресови, всушност немаше никакви дресови. Мене ми се јавуваат луѓе, ми бараат дресови, ми се јавуваа Италијанци кои ми бараа дресови зашто сакаа да навиваат за Македонија, а јас не знам што да им кажам. Отидовме на Европско првенство и после тоа ништо не се смени. Неспособни се за фудбал и овие луѓе мора да се повлечат. Редно е да се повлечат, заработија многу пари и треба да остават на некои малку поспособни да го кренат македонскиот фудбал.

Искрено, уво не ги боли, така им одговара, ама и јас не видов некои луѓе, претседатели на клубови дека не им одговара оваа гарнитура. А, ми се јавуваат многу легенди, многу луѓе од фудбалот нешто да се преземе, но не гледам некој јавно да каже – дајте луѓе вака веќе не може. Политика има секаде, и во Италија има политика, и во светот има политика, и во Македонија има политика. Но, со овие луѓе во ФФМ не може да се оди напред. Треба некои други да се одважат, не само Горан. Горан си седи во Италија и сака само да му помогне на македонскиот фудбал зашто ги знае проблемите. Но, сите се корумпирани.

Екс-селекторот Ангеловски вели, Сејдини ги одредувал премиите за Еуро 2020, наместо како што било правилото селекторот и капитенот, па наместо фудбалери да добијат повеќе пари, се решавале коцкарски долгови. Па излезе поделена премија и за членови од УО, кои земаа пари колку некои од фудбалерите?

Сѐ тоа е вистина. Кога беа помалите, смешните премии, ние ги делевме, ама кога се пласиравме на Европско и кога дојдоа големите пари, тогаш господата од ФФМ и компанија ги поделија премиите. Жал ми е за Тричко, Трајковски, Кире Ристевски, фудбалери кои повеќе од 15 години играа за А-тимот, тие не ја добија премијата како што треба, како некои други во ФФМ. Жално е тоа, ама можеби и Господ сега ни враќа за тоа!

Штотуку заврши СП, а таму еден куп големи имиња како поддршка за своите репрезентации. ФФМ наместо фудбалска стана туристичка агенција, во ложата политичари, обвинители..., а фудбалски имиња скоро да нема?

Не е тој туризам од денеска, со години е така – 20 години е така. Имаме ние огромни фудбалски имиња, Панчев, Најдоски, Станојковиќ, да не ги редам... И никогаш не биле поканети, да бидат викнати да дојдат со репрезентација. Главни на Евро 2020 беа некои кои не им ги знам ни имињата. Би сакал да ги посочам, ама не ги знам. Видете на Светско, гордост е поранешни фудбалери да седат во ложата, да ја красат. Бразил со Кака, Роналдо, Роберто Карлос, Ривалдо... Тоа не е големина само на една репрезентација, тоа е големина на една држава. Државата се гордее со тие имиња. А, кај нас тие имиња не се почитуваат, никој не ги сака или евентуално некој ако треба политички поени да собере.

Врв на сѐ е циркузијадата наречена дипломатски пасоши среде битка за пласман на СП, комичен дочек после Палермо пред 200-300 навивачи?

Тука се гледа колку во ФФМ се „големи“. Од претседателот најголем, а после Милевски. Оставија само двајца фудбалери да земат пасоши, а тие што имаат и повеќе години во селекција не добија. Жално и смешно. Што ќе му е на Милевски дипломатски пасош, кај ќе оди? Може ќе патува некаде? Искрено мислев ако ништо друго на некој од фудбалерите ќе го поклони.

Во екот на сите твои критики кон ФФМ, една пропаганда постојано кружи – Пандев сакал да го смени Сејдини бидејќи претседателот е Албанец?

Моите најдобри другари се Албанци – Агим Ибраими, Артим Шаќири, Аријан Адеми. Со нив најмногу се дружев. Јас реков, ја кажувам само вистината, ама некому вистината не му одговара или го боли. За мене тие се најдобри другари, во Скопје имам Албанци кои ми се најдобри другари. Тие (ФФМ – н.з.) може да ја свртат работата како сакаат, ама на вистинските навивачи што гледаат, свесни се и убедени каква е работата. Овој човек (Сејдини – н.з.) и тие другите околу него не ни знам што се Турци, Македонци, албанци..., се дури и на пониско ниво од него.

Не успеа во обид да станеш делегат на Собрание на ФФМ, а сега и со новиот проект со Брера, останува ли желбата во иднина да бидеш претседател на ФФМ или се откажа од таа идеја?

Јас не ни имав желба да бидам претседател, јас само сакам овие луѓе во ФФМ да заминат во историјата и тоа што е можно побрзо. Тој адвокатот, Гашо (Гашевски – н.з.), тој ќе ни кажува како функционира федерацијата... Видовме што сè направија за таа моја кандидатура. Се плашеа дека ако станам делегат ќе се кандидирам за претседател, па одеше таму во Струмица да моли, да врбува... Жално е тоа. Се уплашија дека ќе се кандидирам, па суспендираа судии кои имаат семејства, кои долги години работат во фудбалот. Гашо ли дојде да кажува?! Жално! Не знам што друго да кажам освен срамота!

Академија Пандев се распаѓаше, па ќе се фузираше со Беласица... На крај излезе сосема трето со проектот Брера? Од каде толку интерес од Италија за македонски клуб, знаејќи какви се состојбите во нашиот фудбал, колку сме конкурентни во последно време на европските терени...

Вистински циркуз беше летово за нас, наместо да зборуваме за клуб кој со најмал буџет дојде да биде вицепрвак на Македонија, со најмногу пречки зашто ФФМ е против овој проект. Но, проектот оди во историја, сега доаѓаат нови луѓе, кои сакаат да го водат клубот, со ново име. Тие (Брера – н.з.) доаѓаат поради мене, зашто знаат што значам во Италија и во Македонија.

Тие се убедени дека може да се сменат работите на подобро и дај Боже да се сменат. Но, јас не знам како, освен ако не излеземе и јавно да кажеме дека не ја бива работата. Ама не може само ние, Горан, Мрме, Никола, Петко... Треба конкретни чекори да се преземат, дека вака повеќе не може и не оди. Јас најдов странска инвестиција и морав да им ја кажам вистината со што ќе се соочат во Македонија.

Но, тие се убедени дека може да оди на подобро. Дури и ми рекоа: “Полошо не може да биде“. Купија 70 отсто од акциите, од 1 јануари треба да го преземат клубот и нека им е со среќа.

Најави нова приказна со влегувањето на Брера во Академија Пандев, каква промена треба да донесе во Академија (структурно и фудбалски) и која е главната цел во ова партнерство кон која ќе се стреми клубот. Патем се најавува и ребрендирање на клубот.

Веќе во структурата има нови луѓе вработени, луѓе што сакаат да го кренат фудбалскиот клуб Брера Струмица на повисоко ниво, веќе има маркетинг служба, да има човек што ќе разговара со новинарите. Сакаат да наметнат еден европски проект и за една година да направат промени, иако знаат каков е нашиот менталитет, седум месеци со нив за тоа разговаравме. Но, имаат проект за две-три години да направат европски клуб кој ќе се стреми да игра Европа и да игра во групна фаза. Јас можам да кажам само дај Боже да им се оствари сонот. Имаат свои идеи и мислам дека ќе има промени. Сега ќе си заминат 8-9 играчи, ќе дојдат 6-7 засилувања и во овие четири месеци потоа главна задача ќе биде да останеме во Прва лига, зашто реконструкција не може да се направи и не е едноставно одеднаш да се смени сè.

Кај мене остануваат 30 отсто од акциите, но јас повеќе ќе сум за младите категории, за Академијата. Децата се најголемо богатство и јас со нив сум најсреќен. Сега генерации од 2007 и 2008 година ќе одат на турнир во Дубаи.

Истовремено си член на Бордот на холдингот Брера, кој се појави на њујоршката берза и планот е да ја шири мрежата низ целиот свет со клубови под своја капа, а промотор е меѓудругото и милијардерот Крис Герденер, човекот кој од бездомник дотурка до височините. Што сето ова треба да донесе за комплетниот проектот, особено за Академија Пандев

Проценката е некаде на 70 милиони долари, а досега на њујоршката берза (Насдаг – н.з.) имаат заработено 8-9 милиони долари. Планот е да купуваат клубови во Аргентина, Мозамбик, Гана, Македонија... Мислам дека имаат добар проект, како тој на Манчестер сити да имаат повеќе клубови под себе, а главна база да биде Струмица и Македонија. Да доаѓаат Аргентинци, Ганци, Мозамбиканци тука. Сепак, европскиот пазар е многу подобар од останатите пазари.

Нѐ чека новата 2023 година, нови квалификации за А-тимот, нови предизвици, нови битки. Каква порака има Пандев кон целата јавност, посебно кон фудбалската?

Имам една порака до фудбалската јавност, да ги поддржат репрезентативците, јавноста, големите спортисти, ова е најквалитетната репрезентација, иако знам со какви луѓе се опкружени. И да се тргнат луѓето од ФФМ, што побргу се случи, тоа ќе биде ослободување. А, на сите им ги честитам празниците и им посакувам здравје и среќа, со своите семејства, зашто тоа е најважно.