ФФМ ѝ угоди на Шкендија: Новото правило за младинец ќе стартува од догодина!

Тоа што најуспешниот македонски селектор Благоја Милевски го најави уште во април годинава дека комплетно ќе се смени правилото за настап на младински фудбалер во првиот тим на секоја екипа во Првата лига ќе се оствари, ама Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на последниот состанок на Управниот одбор промената ја усвои за да стартува од идната сезона, па практично со тоа и угоди на Шкендија, која пред два дена се побуни на промената.

Промената на правилото „младинец“ сега на тимовите во елитниот ранг им наложува да користат фудбалери до 21 година стриктно со македонски спортски пасош, што значи дека младинци со „двојни државјанства“ нема да имаат можност да настапуваат како младинци во своите тимови. Промената на правилото доаѓа откако лани неколкумина бивши младински репрезентативци на Македонија пребегаа и заиграа за соседна Албанија, па ова правило најмногу а погоди Шкендија, актуелниот македонски шампион, која преку Одборот на прволигаши побара, а ФФМ ѝ излезе во пресрет и го усвои барањето.

„Управниот одбор на ФФМ го усвои барањето на клубовите од МФЛ, правилото од член 20, став 7 од Пропозициите за 1 МФЛ („домашниот фудбалер од став 3 кој согласно правилата на ФИФА има право на настап и за странска репрезентација (на официјален и/или неофицијален натпревар) , доколку пред или за времетраењето на првенството биде повикан и одбере да настапува за странската репрезентација го губи статусот на фудбалер, кој нема навршено 21 година“) да се применува од натпреварувачката сезона 2020/2021“, стои во одлуките кои денеска ги донела нашата куќа на фудбалот.

Шкендија има тројца бивши македонски репрезентативци во Имер Имери, Шефит Шефити и Арбен Зејнулаи, кои играат за Албанија, а се сметаат за младинци, додека единствен македонски репрезентативец од младинскиот погон е Енур Тотре.