Милевски комплетно ќе го смени правилото за младинец во Првата лига

Старо-новиот македонски селектор Благоја Милевски денеска официјално беше промовиран за селектор на младата репрезентација до 21 година во вториот мандат, откако изминатата недела официјално го потпиша договорот со ФФМ ќе го менува комплетно правилото за младинец во Првата лига.

Според пропозициите за натпреварување, македонски прволигаш мора да почне и едно полувреме да го доигра, но сега тоа правило не само што ќе остане, туку ќе се надополни дека младинец во првиот тим ќе се смета само фудбалерот кој има исклучиво спортско државјанство на Македонија.

Ова значи дека било кој фудбалер, што би го сменил спортското државјанство, без оглед што има македонски пасош и е роден во Македонија, нема да се смета за младинец во Првата лига, туку исклучиво за младинци ќе се сметаат фудбалерите кои играат за македонските национални селекции. Ова најмногу се однесува поради зачестеното „пребегување“ на фудбалери во други селекции, а нивниот статус на младинец останува и тој „се развива“, а Македонија на крај нема никаков бенефит од него.

Милевски денеска на официјалната промоција изрази разочарување од третманот што младите фудбалери го имаат во прволигашките клубови и фактот дека тие се во сенка на странци со сомнителен квалитет.

„Гледам ситуација која ме разочарува, странци кои не се ништо подобри од нашите млади фудбалери, а добиваат повеќе шанса за докажување во македонските клубови. Ова е само еден доказ дека не ги цениме доволно своите млади фудбалери. Јас ќе реагирам и ќе испратам конкретни предлози до ФФМ. Мора да се смени правилото за настап на фудбалер до 21 година, младиот играч мора да игра минимум едно полувреме, без оглед за каков играч станува збор. Не смее повеќе да се дозволи тоа што се прави сега, голман да се менува во прва минута“, вели Милевски.

Селекторот кој во 2017 година ја водеше младинската селекција на Македонија посочи дека успехот на генерацијата со Барди, Давид Бабунски, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков беше селекција во која најголемиот дел беа домашни фудбалери и играа во своите тимови.

„Видете во генерацијата со која бевме на ЕП, седум фудбалери беа од домашното првенство, а малкумина играа во странство (Бабунски, Барди, Зајков...). Ние имаме проблем што оваа генерација има многу малку или воопшто немаат сениорски фудбал. Игравме против една Украина, во која сите фудбалери од генерацијата веќе стандардно играат во најсилната лига во својата земја“, досава Милевски.