ФФМ брзаше да го „откачи“ Прилеп за да лапне нови милиони од УЕФА!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера се истрча да објави дека сите нејзини обврски околу реконструкцијата на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп се завршени со нова тревната подлога и рефлектори за ноќни мечеви, арно ама од најфудбалскиот град во земјава експресно стигна демант дека всушност – ништо не е готово како што се (по)фали куќата на фудбалот.

ФФМ објави дека го предала стадионот на општината, откако била поставена новата трева со комплетен дренажен систем и систем за наводнување, како и рефлектори со кои може да се играат ноќни мечеви и дека сето тоа е тестирано, со оценка дека се исполнуваат критериумите за играње навечер. ФФМ посочи дека сега на општината е ред да изгради посебна трафостаница, како и да го среди трибинскиот и подтрибинскиот простор.

Но, на ваквите фалби, за завршена работа после четири години откако ФФМ го најави проектот за реконструкција на стадионот, и тоа во ерата на бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски, од општината демантираа дека работите биле завршени, зашто не била комплетно поставена тревата (фалат 1.800 квадрати кај головите), не биле регулирани прскалките, ниту теренот бил израмнет, а рефлекторите се посебна приказна – не биле фокусирани спрема теренот. Од општината побараа ФФМ да ги заврши сите овие работи, по што ќе го преземе стадионот и ќе почне да ги реализира своите обврски.

После ваквата циркузијата во најфудбалскиот град, останува прашањето зошто и што толку ѝ се брзаше на ФФМ за да го пушти стадионот во Прилеп, кој во изминативе четири години беше жртва во проектите за „инфраструктурен бум“ на ФФМ?

Околу реконструкцијата на прилепскиот стадион уште кога беше потпишан договорот, ФФМ за тие проекти за реконструкција на стадионите договори план со општините и УЕФА, преку фондот "Хет-трик", да се искористат наменски средства за подобрување на инфраструктурата. Но, од сите тие проекти, се реновираа само терените во Тетово, Штип, Битола и ништо повеќе. Прилеп остана без стадион, а веќе со години јавно се посочува злоупотреба на парите што требале да се искористат за стадионот.

Сега, брзањето за да се пушти стадионот во Прилеп во оптек и да се тргне јамката од вратот на ФФМ, е поради новиот отворен фонд на УЕФА од хет-трик програмата, кој не е воопшто мал – 4,3 милиони евра.

Толку пари доаѓаат од фондот со вкупна вредност од 236,5 милиони евра кои УЕФА ги предвиде во април годинава за новиот циклус, и кои подеднакво ги подели на сите 55 земји членки на европската централа. Брзањето на ФФМ и грешките во чекори со прилепскиот стадион, што побргу да се ослободат од него е токму поради таа причина.

Доцнењето во реконструкцијата е кочница за да се активира новиот фонд, зашто УЕФА бара извештај како и до каде течат инвестициите на строго наменските пари, а Прилеп сериозно доцнеше. ВО моментов во Охрид, Битола и на Чаир веќе има градежна експанз8ија за изградба на трибини кои се почнати во минатата година, а допрва треба да почне фаза за реконструкција на стадионот во Штип.

Затоа и ФФМ сега брза  да ги "заклучи" проектите, токму поради четирите нови милиони, кои УЕФА ги одобри во екот на пандемијата со коронавирус, со тоа што овојпат УЕФА на секоја федерација, па и на ФФМ ѝ остава сама да постави приоритети како ќе ги потроши парите во периодов, поради негативниот импакт на кризата врз економијата и финансиите на сите нивоа во фудбалот. Да поедноставиме, новите пари од УЕФА не се наменски, туку фотелјашите од ФФМ ќе можат дс ги трошат за што и да сакаат. 

За ФФМ од неодамна е отворен фонд и од ФИФА и тоа од 1,5 милиони долари како бесповратен грант, од кои половина милион мора да бидат за женскиот фудбал, а од Куќата на фудбалот можат да земат и до пет милиони долари заем од светската организација, што е дел од планот на ФИФА вреден над една милијарда „зелени банкноти“ за помош на фудбалското семејство во екот на пандемијата со ковид-19.

ФФМ веќе со децении е најмоќна спортска организација кај нас, во која посебно во изминативе десет години годишно се вртат над десет милиони евра, но од тие пари барем во условите за елитен фудбал нема ништо мрднато, освен шминкањето на струмичкиот стадион за два меча на репрезентацијата и доизградбата на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ и фудбалската Академија, кои барем според официјалните податоци од финансиските извештаи во изминативе години чинеле над два милиони долари.

ФФМ во последниов период е актуелна откако финансиската полиција поднесе кривична пријава против бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски, вработени во администрацијата и фирми со кои се извлекле 2,4 милиони евра од буџетот на куќата на фудбалот.