Елези после дебито за историја: Ова е остварување на сонот – прекрасно нешто!

Младинскиот македонски репрезентативец до 17 години, Дашмир Елези вчера влезе во историјата на македонскиот фудбал, како најмлад дебитант и стрелец на гол во прволигашката конкуренција после погодокот во ремито во дербито со Шкупи (1-1).

Елези завчера наполни 16 години, а вчера му даде гол на Шкупи за старт на професионалната кариера како од соништата и најава дека Шкендија има нов бисер кој треба во иднина да биде еден од предводниците на тетовските црвено-црни.

„Ова е остварување на сонот. Чувство што не се опишува. Конечно дебитирав за првиот тим и ја имав таа среќа да дадам гол. Не можев да го дочекам денот кога ќе дебитирам, без да размислувам за некакви рекорди. Шкендија ми е во срцето и отсекогаш сонував да заиграм за првиот тим на овој клуб.Играв на пријателски мечеви, но настап на официјален меч е нешто прекрасно, остварување на еден сон. И на крај испадна да сум најмладиот дебитант кој патем и дал гол во Првата лига. Прекрасно е, нема што“, вели Елези.

Младиот фудбалер кој беше дел од селекцијата до 15 години на Македонија, а сега е еден од играчите во селекцијата до 17 години, посочува дека многу труд му требало за да стигне до вакво деби, иако тој допрва треба да созрева, ама самиот погодок ќе му биде дополнителна мотивација за напредок во кариерата.

„Јас фудбалот многу го сакам и за мене постојаното тренирање ми претставува задоволство. Ми требаше многу работа за да стигнам до тука, да дебитирам за првиот тим и сега сум уште помотивиран. Голот и дебито се рекорд во првенството, а за тоа треба да им се заблагодарам на сите со кои работев, на раководството кое веруваше во мене, на тренерската струка која ми даде шанса. Јас сега со настапите треба да ја оправдам довербата и да играм уште подобро во иднина“, додава Елези.