Брегалница и Скопје ставаат печат сезонава – ќе се промовираат за нови прволигаши!

Штипска Брегалница и Скопје денеска ќе слават промоција за нови прволигаши од двете второлигашки конкуренции, источната и западната, на свој терен во завршницата од оваа сезона во која скоро да немаа конкуренција на патот кон враќањето во елитното друштво.

Брегалница нема пораз на Истокот, ривалите во 24 кола досега успеаа само четирипати да ги сопрат штипјани со реми, па овој клуб после четири години откако испадна од прволигашката конкуренција во сезоната 2016/17, сега очекува и формално враќање, а за такво нешто им треба барем бод од денешната пресметка од 13 часот со Кожув од Гевгелија.

На штипјани не им треба ни бодот, ако „братскиот“ Кит Го во Пехчево го запре Тиквеш, зашто на три кола до крајот разликата меѓу Брегалница и кавадарчани е девет бода, а теоретски Тиквеш може да стигне само ако победи сѐ, а штипјани ги загубат мечевите и со тој триумф во последното коло поради подобар меѓусебен скор да излезат на првото место. Но, сосема нереален е таков исход, зашто Брегалница е буквално без конкуренција, па за очекување е дека победнички ќе го заверат денеска пласманот во Првата лига.

Брегалница на три кола до крајот има девет бода пред Тиквеш – 64 наспроти 55.

Скопје во Автокоманда ја има „меч топката“ против моментно вториот Охрид, па триумф на „пиратите“ и дефинитивно ќе значи Прва лига, иако им одговара и бод, под услов Велешта да не го победи Гостивар, па осумте бода на две кола до крајот на Западот и математички да станат недостижни за ривалите.

Скопје последен пат беше прволигаш пред три години, кога испадна од прволигашката конкуренција на крајот од сезоната 2017/18, една година после испаѓањето на штипска Брегалница.

„Пиратите“ на три кола до крајот имаат осум бода пред Охрид и Велешта – 51 наспроти 43.

Инаку веќе извесно е дека со пласманот на Брегалница во Првата лига, Тиквеш сигурно ќе игра еден бараж со девето или десетопласираниот во Првата лига, додека на Западот, Гостивар против Велешта ја има веројатно последната шанса да се врати во трката за тоа второ место кое води во баражот, а моментно Охрид со 43 и Велешта со исто бодовно салдо бегаат четири бода пред гостиварци.