Беса испадна и се распадна: Клубот ги распушти сите, ќе има само младинска школа!

Неполн час откако загуби од Башкими во баражот за опстанок во Првата лига, Фудбалскиот клуб Беса соопшти дека го распушта клубот и во иднина ќе се фокусира само на младите фудбалери.

Клубот од Добри дол лани избори пласман во елитната конкуренција како првопласирана во Втората лига, но очигледно во клубот сфатија дека немаат сили долго да го водат овој процес.

„Сопствениците на Беса го објавуваат своето заминување од клубот, во иднина во фокусот ќе биде единствено младинската школа. По долг период на посветеност и жртвување на нашиот сакан клуб, денеска е одлучено дека Беса нема да игра во Втората лига на Македонија идната сезона. Им благодариме на сите играчи, тренери и на сите оние кои ни даваат поддршка во овој период“, стои во соопштението на клубот.

Беса е трет клуб оваа година кој се откажа од системот на натпреварување на ФФМ откако претходно истото го направија Воска и Гостивар. Воска, исто така, престана да постои, додека за судбината на Гостивар дополнително ќе се одлучува.