Аврамовски: Голема чест е што сум во Вардар, овој тим има карактер и срце!

Беше еден од најталентираните македонски фудбалери, кој блесна во генерацијата што ја предводеше Благоја Милевски како дел од „златните младинци“ што испишаа историја да играат на едно Европско првенство (Евро 2017 во Полска), а откако се врати во Македонија после пет години на печалба во странство Даниел Аврамовски блеска моментно во дресот на Вардар и со седум гола во 12 меча е прв стрелец и на црвено-црните и во Првата лига.

Аврамовски во 2014 година замина во белградска Црвена Звезда, па играше за ОФК Београд, потоа за Олимпија Љубљана, па една година и на заем во Војводина, но потенцијалот што го поседуваше не исплива во странските предизвици на површина и доаѓањето во Вардар сега му е полн погодок, за да се врати и да фати вистински ритам со кој сега сериозно треба да го сврти вниманието на селекторот Игор Ангеловски за да биде повикан во најсилната репрезентација.

„„Многу сум му благодарен на Вардар и на играчите кои ми помогнаа да се адаптирам на средината. Голема чест е што сум во Вардар, што од дете сум сакал да играм за овој клуб и се надевам дека како екипа ќе постигнеме многу добри резултати и на крај цела Македонија да биде горда на нас. Задоволен сум од сето досега, моите седум гола, благодарение пред сè на екипата која многу ми помага при играта, зашто играме еден за друг, атмосферата е на високо ниво и најмногу поради тоа доаѓаат резултатите“, вели Аврамовски после двата погодоци со Работнички со кои го урна својот бивш клуб.

Аврамовски во Вардар дојде на почетокот на оваа година, а моментно е фудбалер од кого зависи многу во играта. Иако не е центарфор по профил, често игра како најистурен напаѓач во формацијата, зашто Вардар и нема преголем избор на напаѓачи. Ако не даде гол, Аврамовски асистира, веќе запиша дузина во досегашниот дел од сезоната, па Вардар кого речиси сите го отпишуваа во трката за титулата, сега покажува дека и покрај сите маки има тим за – пехарот.

„Јас верувам дека можеме и верувам во сите нас што сме тука во Вардар. Почнувајќи од стручниот штаб, па до сите играчи и сите што се во клубот. Ние сме играчи со голем карактер и големо срце. На сите овие играчи им претстои голема иднина“, додава Аврамовски.

После седум гола во 12 меча во Првата лига, несомнено се наметнува и прашањето за повик во националниот дрес, а Аврамовски како прв играч на лидерот, би требало да биде и прв на пик на селекторот.

„Секој има желба да игра за репрезентацијата и јас се надевам и сакам да го облечам дресот на Македонија“, кратко прокоментира Аврамовски.

Денеска го урна Работнички, а веќе за четири дена ќе го има најтешкиот предизвик со соиграчите. Вардар го чека реваншот со Шкендија во Купот, а после скопските 2-2, најтрофејниот клуб ќе мора да победи или да одигра ново реми со повеќе дадени голови.

„Работнички е клуб со традиција, а јас им посакувам среќа во понатамошниот дел од првенството и добри резултати. Шкендија е следен предизвик и се надевам на добар резултат и добра игра. Наше е да покажеме како и на сите досегашни мечеви една борбена и тактички добра игра. Нормално е дека се надевам на добар резултат, зашто и купот е трофеј“, посочува Аврамовски