
Панчев за ужасот во Интер: Ми викаа бегај од тука, а јас тврдоглав останав и – зажалив!
Германецот го послушал сопствениот инстинкт и си заминал по само шест месеци, додека нашиот легендарен фудбалер останал и до ден денес вели дека тоа била најголемата грешка во неговата кариера.
„Се сеќавам многу јасно. Замер беше шокиран од тоа што го затекнавме. Ми рече да бегам, но јас останав. Сакав да докажам нешто, бев тврдоглав... и на крајот не добив ништо. Наместо да ја спасам кариерата, дозволив да пропадне“, изјави Панчев.
Поранешниот освојувач на Златната копачка во 1991 година дојде во Интер во 1992 како големо засилување, но наместо статус на ѕвезда, се соочи со хаос и непрофесионални односи. Вели дека бил уценуван да го смени договорот, му се заканувале, а кога одбил – го турнале на клупа.
„Ме фати инает. Им реков – ако треба, нема да играм веќе фудбал, ама договорот нема да го сменам. Тоа беше мојот став и по цена на кариерата. На крајот така и испадна“, додава Панчев.
Иако не бил единствениот што не се снајде – Замер си заминал брзо, а Бергкамп по две години разочарано – Панчев бил единствениот кој останал да се бори.
„За жал, поединец не може против клуб“, заклучува тој.
Дека ситуацијата била крајно неповолна, покажува и тоа што ја одбил понудата од Манчестер јунајтед. Во декември 1992, Алекс Фергусон лично го побарал, но Панчев решил да остане и да се докажува – уште една одлука за која жали.
„Ја одбив понудата од Јунајтед – и тоа беше втората голема грешка. Верував дека ќе добијам фер шанса во Интер, но тоа никогаш не се случи“, раскажува Панчев.
Тој за српскиот медиум го анализираше престојното финале од ЛШ помеѓу ПСЖ и Интер. Целиот текст прочитајте го ТУКА.