Ќе се снима филм за Панчев, сценариото е на човекот што го напиша „Бегство кон победа"

Македонската фудбалска икона Дарко Панчев кој веќе објави своја автобиографија, сега ќе добие свој игран филм во кој ќе бидат прикажани неговиот живот и кариера во која најголема трага остави во белградска Црвена Звезда со која стана европски и светски шампион.

Филмот како што објави „МИА“ ќе биде во продукција на „Петровски Брадрс“, а ќе го режира Зоран Петровски кој живее и работи во Бугарија, а во последните две децении работеше на познати високобуџетни и телевизиски реклами.

За сценариото ќе биде задолжен Ѓорѓе Милиќевиќ кој по потекло е од Србија, но неговата кариера во филмската индустрија ја гради во Њујорк и Лос Анџелес. Станува збор за човек кој е еден од сценаристите на една од најпознатите фудбалски стории „Бегство кон Победа“ каде што игра и славниот Силвестер Сталоне.

„Во филмот ќе бидат прикажани сите најинтересни моменти од неговата кариера, но и од животот, неговите лични борби, успеси и падови. Самата филмска приказна треба да ја заинтересира пошироката публика, а не само пасионираните љубители на фудбалот“, пишува „МИА“.

Поддршка за целиот проект даде и самиот Панчев.

„Мене ми се допадна идејата, ја прифатив и дадов максимална поддршка. Секоја спортска приказна е убава приказна и се надевам дека филмот ќе биде направен како што треба и ќе биде интересен за гледачите. Јас од моја страна колку можам да помогнам во реализација на филмот, сигурно дека ќе се потрудам да помогнам. Екипата е одлична и тоа е гаранција дека филмот ќе биде добар“, истакнал поранешниот македонски голгетер.