Ивановски дебитираше со гол за Хајдук: Знам колку тежи овој дрес, ќе дадам сè од себе (ВИДЕО)

Поранешниот македонски репрезентативец Мирко Ивановски, кој го засили сплитски Хајдук летово веднаш најави дека ќе биде добро засилување за хрватскиот гигант, па денеска на своето деби против Оркан на почетокот на летните подготовки постигна гол во убедливиот триумф со 9-0.

Ивановски беше стрелец на последниот гол, доволно за да се загрее со тресењето мрежи, сооглед дека во Сплит очекуваат многу голови од третиот најдобар стрелец во хрватскиот шампионат од минатата сезона. Ивановски даде 16 погодоци за Славен Белупо, по што следеше повик од Сплит кој веднаш го прифати.

Ивановски по голот изјави дека знае каква тежина носи дресот на сплиќани и дека тој ќе даде сè за да биде уште подобар напаѓач во споредба со минатите сезони.

„Не ми треба многу за да се прилагодам, добро го знам тренерот Жељко Копиќ, со кого соработував и знам како размислува, што сака и што се очекува од мене. Момците одлично ме прифатија, одлично работиме на стартот на подготовките и сигурен сум дека до стартот на европските мечеви добро ќе изгледаме. Моите очекувања се поклопуваат со клупските, знам дека тука се очекува многу повеќе, многу подобро, но јас затоа и дојдов во Хајдук. Нема да даваме големи ветувања, одиме чекор по чекор и најважно е сите да дадеме сè од себе, па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Најважно е јас да давам сè од себе, знам колкава тежина носи дресот на Хајдук и можам да ветам дека ќе направам сè за да бидам подобар од минатите сезони“, изјави Ивановски.