Италијанска легенда може да стане тренер на Ристовски и Адеми

Eкипата на Динамо Загреб не игра најдобра сезона во првенството на Хрватска и тимот минатиот викенд ја забележа првата победа по четири натпревари во кои имаше два порази и две нерешени средби.

Во таква ситуација раководството на тимот во кој настапуваат македонските фудбалери, Стефан Ристовски и Аријан Адеми размислува за промена на клупата.

На Ненад Бјелица не му оди најдобро, Динамо веќе заостанува седум бода зад водечките Ријека и Хајдук кои имаат по 36 бода. Италијанскиот инсајдер Фабрицио Романо сега го открива и фаворитот за наследник на Бјелица.

Според неговите информации, Фабио Канаваро е највисоко на листата желба на хрватскиот гигант во случај да дојде до отказ за Бјелица.

Канаваро во својата тренерска кариера ги предводеше екипите на: Гвангжу, Ал Наср, Тијаџин, Беневенто и Удинезе, а ја водеше и репрезентацијата на Кина.