Убедливо најдобар во светот во моментов: Синер како брз воз преку Медведев

За само 71 минута игра, Италијанецот, Јаник Синер обезбеди пласман во финалето на Мастерсот во Мајами, совладувајќи го бранителот на титулата Данил Медведев со 2-0.

За тоа време, рускиот тенисер освои само три гема (1-6, 2-6) и беше буквално прегазен од противникот кој уште еднаш докажа дека во моментов е најдобар во светот. На истекот на третиот месец од годината, Синер има само еден пораз и тоа од Алкараз во финалето од Мастерсот во Индијан Велс пред две недели.

Италијанскиот ас го отвори мечот со два брејка и водство од 5-0, Медведев дури потоа го освои првиот гем, а во меѓувреме не искористи две брејк-топки со кои можеби можеше да го одведе натпреварот во друга насока. Слично беше во вториот сет во кој Синер веднаш направи брејк, потоа освои уште три гема во серија за водство од 5-1. Медведев привремено си ја одложи егзекуцијата, но на свој сервис, Синер не дозволи изненадување и го приведе мечот кон крај.

Во мечот за титулата, тој ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Зверев и Димитров чиј дуел почнува вечерва на полноќ.